Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 59

Четири момчиња останале верни

Четири момчиња останале верни

Кога Навуходоносор ги заробил угледните луѓе од Јуда и ги однел во Вавилон, над нив го поставил главниот царски дворјанин Асфеназ. Навуходоносор му рекол на Асфеназ од нив да ги избере најздравите и најпаметните момчиња. Момчињата требало да бидат подучувани три години, за потоа да служат како царски дворјани во Вавилон. Требало да научат да читаат, пишуваат и зборуваат на јазикот што се користел во Вавилон. Исто така, требало да јадат храна каква што јаделе царот и неговите дворјани. Четири од тие момчиња се викале Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. Асфеназ им дал вавилонски имиња: Валтазар, Седрах, Мисах и Авденаго. Дали поради школувањето што го добиле престанале да му служат на Јехова?

Овие четири момчиња биле решени да не му згрешат на Јехова. Тие знаеле дека не треба да јадат од царските јадења бидејќи според законот на Јехова било забрането да се јадат некои животни што се јаделе во Вавилон. Затоа му рекле на Асфеназ: „Те молиме не нѐ терај да јадеме од царската храна“. Асфеназ им рекол: „Ако не јадете и царот види дека сте се разболеле, ќе ме убие!“

Тогаш на Даниел му дошла една идеја. Тој му рекол на Асфеназ: „Те молиме, 10 дена давај ни само зеленчук и вода. Потоа види како изгледаме ние, а како изгледаат момчињата кои јадат од царската храна“. Асфеназ се согласил.

Откако поминале тие 10 дена, Даниел и неговите тројца другари изгледале поздраво од сите други момчиња. Јехова многу се радувал што му останале верни. Тој му дал на Даниел способност да разбира соништа.

Кога школувањето завршило, Асфеназ ги донел момчињата пред Навуходоносор. Царот разговарал со нив и видел дека Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј се попаметни и поостроумни од сите други момчиња. Тогаш ги избрал да работат во неговиот дворец. Кога требало да донесува важни одлуки, царот честопати барал совет од нив. На овие четири момчиња Јехова им дал поголема мудрост дури и од магионичарите и најмудрите советници на царот.

Иако биле во туѓа земја, Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј не заборавиле дека Јехова е нивниот Бог. Дали и ти ќе му бидеш послушен на Јехова секогаш, дури и кога твоите родители не се со тебе?

„Никој нека не те потценува поради твојата младост, туку биди им пример на верните во говорот, во постапките, во љубовта, во верата, во чистотата“ (1. Тимотеј 4:12)