Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да живеам со својата тага?

Како да живеам со својата тага?

„ЧУВСТВУВАВ огромен притисок да ги потиснувам чувствата“, објаснува Мајк додека се присетува на смртта на татко му. За Мајк, да ја потиснува тагата претставувало нешто мажествено. Но тој подоцна сфатил дека не бил во право. Затоа, кога пријателот на Мајк го изгубил својот дедо, Мајк знаел што да направи. Тој вели: „Пред неколку години, би го потапкал по рамо и би му рекол: ‚Биди маж‘. Но сега, му ја допрев раката и му реков: ‚Чувствувај се онака како што мораш да се чувствуваш. Тоа ќе ти помогне да ја совладаш загубата. Ако сакаш да си одам, ќе си одам. Ако сакаш да останам, ќе останам. Но немој да се плашиш да покажеш емоции‘.“

Мериен исто така чувствувала притисок да ги задржува чувствата кога ѝ починал сопругот. „Толку многу се грижев да бидам добар пример за другите“, се сеќава таа, „што ги задржував нормалните чувства. Но на крајот сфатив дека моите обиди да бидам столб на сила за другите не ми помагаа. Почнав да ја анализирам ситуацијата и си реков: ‚Плачи ако мораш да плачеш. Немој да се трудиш да бидеш прејака. Изрази ги чувствата за да ти биде полесно‘.“

Значи, и Мајк и Мериен препорачуваат: Дозволи си да тагуваш! И во право се. Зошто? Затоа што жалењето е неопходно емоционално олеснување. Ако ги пуштиш чувствата, тоа може да го намали притисокот под кој се наоѓаш. Природното изразување на емоции, ако е придружено со разбирање и точни информации, ти овозможува чувствата да ги ставиш на исправно место.

Се разбира, секој не ја изразува тагата на ист начин. А факторите дали ближниот умрел ненадејно или смртта настапила по долго боледување, можат да влијаат врз емоционалната реакција на живите. Но едно е сигурно: Потиснувањето на чувствата може негативно да се одрази и врз физичкото и врз емоционалното здравје. Далеку поздраво е да ја изразиш жалоста. Како? Библијата дава некои практични совети.

Како да се изрази жалоста?

Разговорот може да биде корисно олеснување. После смртта на сите свои десет деца, како и поради други свои лични трагедии, древниот патријарх Јов рекол: „Ѝ дотегна на душата моја мојот живот; ќе се предадам на [хебрејски: „ќе ја ослободам“] тагата своја; ќе говорам со горчината на душата своја“ (Јов 1:2, 18, 19; 10:1). Јов не можел повеќе да ја задржува својата загриженост. Морал да ја ослободи; морал да ‚говори‘. На сличен начин, англискиот драматург Шекспир во Магбет напишал: „На тагата дајте ѝ зборови; неизговорената тага тивко го оптоварува срцето и го крши“.

Затоа разговорот за твоите чувства со некој ‚[верен, НС] пријател‘ кој стрпливо и сочувствително ќе слуша, ќе ти донесе одредена мера на олеснување (Изреки 17:17). Изразувањето на доживувањата и чувствата со зборови, често овозможува полесно да ги разбереме и да ги совладаме. И ако слушателот е некој друг ужален поединец кој успешно ја совладал неговата или нејзината загуба, можеш да добиеш некои практични предлози како и ти да се бориш. Кога ѝ умрело детето, една мајка објаснила зошто ѝ било од помош да разговара со друга жена која била соочена со слична загуба: „Спознанието дека некој друг поминал низ истото, дека се извлекол здрав од сето тоа и дека сѐ уште е жив и повторно има некаков нормален ред во својот живот, ми даваше голема сила“.

Примерите од Библијата покажуваат дека запишувањето на чувствата може да ти помогне да ја изразиш својата тага

Што ако ти е непријатно да разговараш за твоите чувства? После смртта на Саул и Јонатан, Давид составил една многу трогателна песна во која ја излил својата тага. Таа таговна композиција на крајот станала дел од пишаниот извештај на библиската книга Втора Царства (2. Царства 1:17-27; 2. Летописи 35:25). Слично на тоа, на некои им е полесно да се изразуваат писмено. Една вдовица известила дека си ги запишувала своите чувства, а потоа, по неколку денови, го читала напишаното. Тоа ѝ помогнало да ѝ се олесни.

Било преку разговор или пишување, изразувањето на твоите чувства ќе ти помогне да се ослободиш од тагата. Исто така, тоа може да помогне да се расчистат недоразбирањата. Една ужалена мајка објаснува: „Маж ми и јас чувме за други двојки кои се развеле откако изгубиле дете, и не сакавме и нам да ни се случи истото. Затоа, секогаш кога бевме лути и кога сакавме да ја префрлиме вината еден на друг, ние разговаравме за тоа. Мислам дека навистина се зближивме на тој начин“. Затоа, ако ги изразуваш чувствата, може да ти помогне да сфатиш дека, иако ја делиш истата загуба, другите можат поинаку да жалат — со свој интензитет и на свој начин.

Нешто друго што помага да ѝ се даде оддишка на жалоста е плачењето. Постои „време кога се плаче“, вели Библијата (Проповедник 3:1, 4). Секако, смртта на некој што го сакаме донесува такво време. Солзите на жалост се чини како да се неопходен дел од процесот на исцелување.

Една млада жена објаснува како една блиска пријателка ѝ помогнала да се бори кога умрела мајка ѝ. Таа се присетува: „Мојата пријателка секогаш беше покрај мене. Плачеше со мене. Разговараше со мене. Едноставно можев да ги отворам моите емоции, а тоа ми беше важно. Не морав да се срамам да плачам“. (Види Римјаните 12:15.) Не треба да се срамиш ниту од солзите. Како што видовме, Библијата содржи многу примери на верни мажи и жени, вклучувајќи го и Исус Христос, кои слободно ронеле солзи од жалост без да се срамат (1. Мојсеева 50:3; 2. Царства 1:11, 12; Јован 11:33, 35).

Во секоја култура, ужалените луѓе ценат кога другите ги тешат

Можеби твоите емоции некое време ќе бидат донекаде непредвидливи. Можат да ти потечат солзи без некакво предупредување. Една вдовица увидела дека пазарењето (нешто што често го правела со својот сопруг) можело да ја расплаче, особено кога, од навика, посегнувала по артикли кои му биле омилени на сопругот. Биди стрплив со себеси. И немој да мислиш дека мораш да ги задржуваш солзите. Запомни, тие се природен и неопходен дел од жалењето.

Соочување со чувството на вина

Како што претходно беше забележано, кај некои се јавува чувство на вина по смртта на некој драг. Тоа помага да се објасни силната тага на верниот човек Јаков кога бил наведен да поверува дека неговиот син Јосиф бил убиен од „ѕверка лута“. Самиот Јаков го испратил Јосиф да провери во каква состојба се неговите браќа. Затоа Јаков веројатно бил измачуван со чувства на вина, како на пример: ‚Зошто го испратив Јосиф сам? Зошто го испратив во област во која врие од диви ѕверки?‘ (1. Мојсеева 37:33-35).

Можеби мислиш дека некаква твоја немарност придонела за смртта на драгата личност. Сфаќањето дека чувството на вина — било да е вистинско или замислено — е нормална реакција на жалоста, може само по себе да биде корисно. Уште еднаш, немој да мислиш дека таквите чувства мораш да ги чуваш за себе. Ако разговараш за твоите чувства на вина, тоа ќе ти го даде олеснувањето кое ти е многу потребно.

Но сфати дека, без разлика колку сакаме некого, не можеме да го контролираме неговиот или нејзиниот живот, ниту пак можеме да спречиме „времето и непредвидениот настан“ (НС) да ги погодуваат таквите лица (Проповедник 9:11). Освен тоа, твоите мотиви, без сомнение, не биле лоши. На пример, ако не си закажал поскоро термин со лекарот, дали си имал намера драгата личност да се разболи и да умре? Се разбира дека не! Тогаш, дали навистина си виновен за неговата смрт? Не.

Една мајка научила да го совладува чувството на вина после смртта на ќерка ѝ во сообраќајна несреќа. Таа објаснува: „Се чувствував виновна што ја пуштив да оди. Но сфатив дека е смешно така да се чувствувам. Немаше ништо лошо во тоа што ја испратив со татко ѝ да заврши една работа. Тоа беше само една грозна несреќа“.

‚Но толку многу работи сакав да речам или направам‘, можеби си велиш. Точно, но кој од нас може да каже дека сме совршен татко, мајка или дете? Библијата нѐ потсетува: „Сите ние многу грешиме. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек“ (Јаков 3:2; Римјаните 5:12). Затоа, прифати го фактот дека не си совршен. Постојаното размислување за секое „што ако“ нема ништо да промени, може само да го забави твоето оздравување.

Ако имаш оправдани причини да мислиш дека твоето чувство на вина е вистинско, а не замислено, тогаш размисли за најважниот фактор за ублажување на вината — Божјето простување. Библијата нѐ уверува: „Господи, ако гледаш на беззаконијата, — тогаш кој ќе се одржи, Господи? Но во Тебе има простување“ (Псалм 129:3, 4). Не можеш да се вратиш во минатото и да промениш нешто. Но можеш да го молиш Бог за простување на грешките од минатото. А што тогаш? Па, ако Бог ветува дека ќе ги избрише грешките, зарем не треба и самиот да си простиш? (Изреки 28:13; 1. Јованово 1:9).

Соочување со гневот

Дали си прилично гневен можеби и спрема лекарите, медицинските сестри, пријателите, или дури спрема оној кој умрел? Сфати дека и тоа е вообичаена реакција на загубата. Можеби твојот гнев е природна попратна појава на болката што ја чувствуваш. Еден писател рекол: „Само ако станете свесни за гневот — не да постапувате според него, туку да знаете дека го чувствувате — можете да се ослободите од неговото деструктивно влијание“.

Може исто така да биде од помош ако го изразиш или споделиш гневот. Како? Секако не преку неконтролирани изливи. Библијата нѐ предупредува дека долготрајниот гнев е опасен (Изреки 14:29, 30). Но ќе се утешиш доколку разговараш за тоа со некој пријател кој ќе те разбере. А некои откриле дека, кога се лути, енергичното физичко вежбање претставува корисно олеснување. (Види Ефесјаните 4:25, 26.)

Иако е важно да се биде отворен и искрен за своите чувства, прикладно е едно предупредување. Постои голема разлика помеѓу изразување на чувствата и истурање на чувствата врз другите. Нема потреба другите да ги обвинуваш за твојот гнев и фрустрација. Затоа, внимавај да ги изразуваш чувствата, но не на непријателски начин (Изреки 18:22). Постои една извонредна помош во совладувањето на жалоста, за која ќе поразговараме сега.

Помош од Бог

Библијата нѐ уверува: „Блиску е Господ до оние со скрушено срце, и смирените по дух ќе ги спаси“ (Псалм 33:18). Да, најмногу од сѐ друго, односот со Бог може да ти помогне да се справиш со смртта на некој кого го сакаш. Како? Сите досега дадени практични предлози се темелат или се во склад со Божјата Реч, Библијата. Нивното применување може да ти помогне да се бориш.

Освен тоа, немој да ја потценуваш вредноста на молитвата. Библијата нѐ поттикнува: „Пренеси ја на Господа маката своја, и Он ќе те поткрепи“ (Псалм 54:22). Ако разговорот за своите чувства со некој сочувствителен пријател може да помогне, тогаш колку повеќе ќе ти помогне да му го излиеш срцето на ‚Богот на секоја утеха‘! (2. Коринтјаните 1:3).

Молитвата не придонесува само подобро да се чувствуваме. ‚Слушачот на молитви‘ ветува дека ќе им даде свет дух на неговите слуги кои искрено молат за тоа (Псалм 65:2, НС; Лука 11:13). И Божјиот свет дух, или активна сила, може да те опреми со ‚сила која е над она што е нормално‘ (НС), за да издржиш од ден на ден (2. Коринтјаните 4:7). Запомни: Бог може да им помогне на своите верни слуги да издржат секаков проблем со кој ќе се соочат.

Една жена која изгубила дете се присетува како моќта на молитвата им помогнала и нејзе и на нејзиниот сопруг да се соочат со нивната загуба. „Ако навечер бевме дома и тагата станеше неподнослива, двајцата се молевме заедно на глас“, објаснува таа. „Секој прв пат кога моравме да направиме нешто без неа — првиот собраниски состанок на кој отидовме, првиот конгрес на кој присуствувавме — се молевме за сила. Кога ќе се разбудевме наутро и реалноста на сето тоа изгледаше неподнослива, му се молевме на Јехова да ни помогне. Од некаква причина, за мене претставуваше вистинска траума да влезам во куќата сама. И затоа, секој пат кога ќе дојдев дома сама, едноставно ќе му се помолев на Јехова да ми помогне да останам смирена“. Таа верна жена цврсто и со право верува дека тие молитви многу придонеле. И ти можеш да увидиш дека, како одговор на твоите истрајни молитви, ‚мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе го запази твоето срце и твоите мисли‘ (Филипјаните 4:6, 7; Римјаните 12:12).

Помошта што ја дава Бог е навистина многу важна. Христијанскиот апостол Павле навел дека Бог „нѐ утешува при секоја наша мака, та и ние да можеме да ги утешиме оние што се наоѓаат при секаква мака“. Вистина, божествената помош не ја отстранува болката, но ја олеснува. Тоа не значи дека нема повеќе да плачеш или дека ќе ја заборавиш саканата личност. Но можеш да закрепнеш. Додека закрепнуваш, она што си го доживеал ќе те направи да имаш поголемо разбирање и да бидеш сочувствителен кога ќе им помагаш на другите да поднесат слична загуба (2. Коринтјаните 1:4).