Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што веруваат Јеховините сведоци?

Што веруваат Јеховините сведоци?

Верувањата на Јеховините сведоци не се никаква тајна, бидејќи нивната литература е достапна на стотици јазици. Следува краток преглед на некои од овие верувања.

1. Библија

Сведоците веруваат дека „целото Писмо е вдахновено од Бог“ (2. Тимотеј 3:16). Џејсон Д. Бидан, вонреден професор по теологија, напишал: „Јеховините сведоци ги темелат своите верувања и обичаи исклучиво на Библијата, без претходно оформени мислења за она што би требало да го најдат во неа“. Тие ги усогласуваат своите верувања со Библијата наместо да ја толкуваат како што им одговара. Истовремено се свесни дека сѐ што стои во Библијата не треба да се сфати дословно. На пример, седумте творечки денови се симболични и се однесуваат на подолги временски периоди (1. Мојсеева 1:31; 2:4).

2. Творец

За да се разликува од лажните богови вистинскиот Бог си дал лично име — Јехова, или Јахве, како што претпочитаат некои современи изучувачи и како што стои во некои католички преводи * (Псалм 83:18). Хебрејскиот облик на Божјето име се јавува околу 7.000 пати во изворниот текст на Светото писмо. Исус нагласил колку е важно тоа име кога во молитвата што ја дал како пример рекол: „Да се свети името твое“ (Матеј 6:9). Бог со право бара да му служиме само нему. Од таа причина, Сведоците не користат икони или кипови во своето обожавање (1. Јованово 5:21).

„Таткото е поголем од мене“ (Јован 14:28)

3. Исус Христос

Тој е Спасител, ‚Божји Син‘ и „првороден од сѐ што е создадено“ (Јован 1:34; Колошаните 1:15; Дела 5:31). Како создадено битие, тој не е дел од некакво тројство. „Таткото е поголем од мене“, рекол Исус (Јован 14:28). Христос живеел на небото пред да дојде на Земјата, а откако го дал својот живот како жртва и откако воскреснал, се вратил на небото. „Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку [него]“ (Јован 14:6).

 4. Божје Царство

Тоа е небесна влада чиј Цар е Исус Христос, а негови совладетели ќе бидат 144.000 луѓе „откупени од земјата“ (Откровение 5:9, 10; 14:1, 3, 4; Даниел 2:44; 7:13, 14). Тие ќе владеат над Земјата која ќе биде исчистена од секаква злоба, и на која ќе живеат милиони богобојазливи луѓе (Изреки 2:21, 22).

5. Земја

Во Проповедник 1:4 стои: „Земјата останува засекогаш“. Штом злите ќе бидат уништени, Земјата ќе биде претворена во рај во кој засекогаш ќе живеат праведни луѓе (Псалм 37:10, 11, 29). Така ќе се исполни молитвата на Исус, кој рекол: ‚Да биде волјата твоја на земјата‘ (Матеј 6:10).

6. Библиски пророштва

„Бог... не може да лаже“ (Тит 1:2). Според тоа, сѐ што прорекол ќе се исполни, а тука спаѓаат и библиските пророштва за крајот на сегашниов свет (Исаија 55:11; Матеј 24:3-14). Кој ќе го преживее ова претстојно уништување? „Оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“, стои во 1. Јованово 2:17.

7. Државна власт

Исус рекол: „Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог!“ (Марко 12:17). Од таа причина, Јеховините сведоци ги следат државните закони во својата земја, доколку не се косат со Божјите закони (Дела 5:29; Римјаните 13:1-3).

„Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14)

8. Проповедање

Исус претскажал: „Оваа добра вест за царството“ ќе биде проповедана по целата Земја пред да дојде крајот на сегашниов свет (Матеј 24:14). На Јеховините сведоци им е чест што можат да учествуваат во ова дело со кое се спасуваат животи. Се разбира, дали луѓето ќе слушаат или не, тоа е нивни избор. Библијата вели: „Секој што сака, нека земе бесплатно од водата на животот“ (Откровение 22:17).

9. Крштавање

Јеховините сведоци ги крштаваат само оние кои, на темел на она што го дознале проучувајќи ја Библијата, сакаат да му служат на Бог како негови Сведоци (Евреите 12:1). Заветот што лично му го дале го симболизираат со целосно потопување под вода (Матеј 3:13, 16; 28:19).

10. Поделба на свештеници и верници

„Сите вие сте браќа“, им рекол Исус на своите следбеници (Матеј 23:8). Првите христијани, вклучувајќи ги и писателите на Библијата, немале свештеничка класа. Истото е случај и со Јеховините сведоци.

^ пас. 4 Јеховините сведоци не го измислиле името „Јехова“. Пред многу векови, Божјето име било транскрибирано како „Јехова“ на многу небиблиски јазици, меѓу кои и англиски и германски. За жал, некои современи преведувачи на Библијата го замениле Божјето име со титули, како што се „Бог“ и „Господ“, со што покажале крајно непочитување кон Авторот на Библијата.