Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | МЛАДИ

Како да прифатиш совет

Како да прифатиш совет

ПРЕДИЗВИК

„Кога некој ти дава совет, тој всушност сака да ти каже дека нешто не правиш како што треба. А досега не сум сретнала некој да рече: ‚Многу ми е убаво кога ќе ми кажат дека нешто не правам како што треба!‘“ (Ејми, 17). *

Оној што ги отфрла советите е како пилот што ги игнорира упатствата од контролната кула. Резултатот може да биде катастрофален.

Тешко ли ти е да прифатиш совет од родителите, наставниците и од други возрасни? Ако да, оваа статија може да ти биде од помош.

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Секому му треба совет.

„Сите ние честопати грешиме“ (Јаков 3:2).

„Нема ништо срамно во тоа некој да те исправи кога нешто ќе згрешиш“ (Џесика).

Да добиеш совет не значи дека не те бива за ништо.

„Кого Јехова * го сака, него и го укорува, како што таткото го укорува синот, кого го сака“ (Изреки 3:12).

„Кога некој ќе ми даде совет, се концентрирам на тоа дека сигурно не му е лесно да ме советува и дека тоа го прави затоа што ме сака“ (Тамара).

Советите можат да ти помогнат да се изградиш како личност.

„Слушајте ја поуката и станете мудри“ (Изреки 8:33).

„Советите се дел од созревањето. Ти помагаат да се видиш со очите на другите и да ги ставиш под контрола негативните црти за кои можеби не си ни свесен дека ги имаш“ (Дијана).

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Биди објективен. Можеби лесно се навредуваш кога ќе добиеш совет. Но, пробај да ги тргнеш чувствата настрана. Што би можело да ти помогне? Замисли си ја истата ситуација, но сега ти му го даваш истиот совет на некој друг — на пример, на твојот помал брат или сестра. Има ли нешто во советот што сепак држи? А сега обиди се на ист начин да гледаш и на твојата ситуација. (Библиско начело: Проповедник 7:9.)

„Понекогаш некоја критика толку ќе те погоди што забораваш дека оној што ти ја дал само сакал да ти помогне да станеш подобра личност, а не да те повреди“ (Тереза).

Остани понизен. Не дозволувај гордоста да те спречи да примиш совет. Од друга страна, не дозволувај обесхрабрувањето да те фрли во очај само затоа што треба да се подобриш во нешто. Понизноста ќе ти помогне да не одиш во овие две крајности. Запомни: советот што најмногу те боли можеби е советот што најмногу ти треба. Ако од некоја причина го отфрлиш, ќе пропуштиш прекрасна можност да растеш како личност. (Библиско начело: Изреки 16:18.)

Советот што најмногу те боли можеби е советот што најмногу ти треба

Советите се неопходни за да се изградуваме како личности. Ако не сме спремни да ги прифаќаме и да учиме од нив, тоа ќе биде на наша штета“ (Лена).

Биди благодарен. Дури и ако ти е тешко да прифатиш некој совет, зошто не му се заблагодариш на оној што ти го дава? Тој најверојатно ти го мисли доброто. (Библиско начело: Псалм 141:5.)

„Никогаш нема да згрешиш ако кажеш ‚благодарам‘, посебно ако советот бил на место. Дури и ако не е, на оној што ти го дал можеш љубезно да му се заблагодариш за грижата“ (Карла).

^ пас. 4 Некои имиња во оваа статија се сменети.

^ пас. 11 Библијата ни кажува дека името на Бог е Јехова.