Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да си ги заштитиме непцата

Да си ги заштитиме непцата

БОЛЕСТА на непцата е меѓу најчестите заболувања на усната шуплина. Оваа болест е прилично подмолна затоа што во почетните фази може да нема никакви симптоми. Според списанието International Dental Journal, периоденталната болест спаѓа во оралните болести кои претставуваат „сериозен здравствен проблем“. Во списанието уште се вели дека оралните болести „предизвикуваат болка, непријатности, проблеми со џвакањето и го намалуваат квалитетот на животот, со што значително влијаат врз секојдневието и на поединецот и на заедницата“. За да се заштитиш од болест на непцата, добро е да дознаеш нешто повеќе за неа.

Некои факти

Болеста на непцата има различни фази. Почетната фаза е воспаление на непцата и се нарекува гингивитис. Еден знак за оваа фаза може да биде крвавење на непцата. До крвавење може да дојде кога се мијат забите, кога се чистат со забен конец или без никаква очигледна причина. Друг знак за гингивитис може да биде и ако непцата се раскрвават при стоматолошки преглед.

Доколку болеста на непцата напредува, доаѓа до парадентоза. Во оваа фаза почнуваат да се оштетуваат потпорните структури на забите, како што се коската и непцата. Овој облик на болеста може да не се манифестира со симптоми сѐ додека не дојде до понапредна фаза. Некои знаци за парадентоза се: формирање на џебови, расклатени заби, празнини меѓу забите, непријатен мирис од устата, крвавење на непцата и повлекување на непцата поради што забите изгледаат подолги.

Причини и последици

Има неколку фактори што може да го зголемат ризикот од болест на непцата. Најчеста причина е забниот плак — тенок слој од бактерии кој редовно се формира на забите. Ако плакот не се отстрани, бактериите може да предизвикаат оток на непцето. Како што овој процес напредува, непцето почнува да се  одвојува од забите овозможувајќи му на плакот богат со бактерии да навлезе под непцето. По ова, воспалението оди до тој степен што ги оштетува коската и непцата. Забниот плак, сеедно дали е под или над линијата на непцето, може да се стврдне и да стане забен камен. И забниот камен е прекриен со бактерии, а бидејќи е тврд и залепен за забите, не се отстранува толку лесно како плакот. Тоа значи дека бактериите може да продолжат да го оштетуваат непцето.

Има и други фактори кои може да го зголемат ризикот од болест на непцата. Некои од нив се лоша орална хигиена, лекови кои го ослабуваат имунитетот, вирусни инфекции, стрес, дијабетес, прекумерно пиење алкохол, пушење и хормонални промени за време на бременоста.

Болеста на непцата може да се одрази врз твојот живот и на други начини. На пример, поради болки во устата или губење на заби, не можеш добро да ја џвакаш храната ниту, пак, да уживаш во неа. Страдаат говорот и изгледот. Освен тоа, истражувањата покажуваат дека оралното здравје е тесно поврзано со нашето општо здравје.

Дијагноза и лекување

Како можеш да знаеш дали имаш болест на непцата? Можеби ќе забележиш некои од симптомите спомнати во оваа статија. Во таков случај, добро е да одиш кај стоматолог кој ќе утврди во каква состојба се твоите непца.

Може ли да се лекува болеста на непцата? Во раните фази, може сосема да се излекува. А ако веќе дошло до парадентоза, целта е да се спречи болеста да напредува за да не ги оштети коската и ткивото околу забите. Стоматолозите користат специјализирани инструменти за отстранување на плакот и забниот камен, и под и над линијата на непцата.

Без разлика какви стоматолошки услуги ти стојат на располагање, најважен чекор во намалувањето на ризикот од оваа незабележлива, но сепак прилично сериозна болест е превенцијата. А нема подобра превенција од исправната и редовна орална хигиена.