Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | СТАВИ КРАЈ НА КАВГИТЕ ДОМА

Како да го зачуваш мирот во семејството

Како да го зачуваш мирот во семејството

ШТО мислиш, дали Библијата може да ти помогне да го зачуваш мирот во семејството? Забележи што рекоа некои луѓе и спореди ги нивните изјави со она што го вели Библијата. Додека читаш, размисли што може да ти помогне да спречиш да дојде до расправија, да го зачуваш мирот и да станеш поблизок со твоето семејство.

БИБЛИСКИ СОВЕТИ ШТО ВОДАТ ДО МИР

НАУЧИ СЕ ДА ГЛЕДАШ ПОЗИТИВНО НА ДРУГИТЕ

„Не правете ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе и не грижете се само за себе туку и за другите“ (Филипјаните 2:3, 4).

„Сфативме дека е добро да го сметаш својот брачен другар за поважен од себеси и од другите“ (Ч. П., 19 години во брак).

СЛУШАЈ ВНИМАТЕЛНО И ЗЕМИ ГО ПРЕДВИД МИСЛЕЊЕТО НА ДРУГИОТ

„Потсетувај ги... да не бидат воинствени, туку да бидат разумни, да бидат сосема благи спрема сите луѓе“ (Тит 3:1, 2).

„Напнатоста може многу да се намали ако не му возвраќаш на брачниот другар со кавгаџиски тон. Важно е да слушаш без да судиш и да го земеш предвид гледиштето на другиот дури и кога не се согласуваш со она што го вели“ (П. П., 20 години во брак).

ТРУДИ СЕ ДА БИДЕШ СТРПЛИВ И ЉУБЕЗЕН

„Со стрпливост можеш да наговориш и заповедник, и благиот јазик коски крши“ (Изреки 25:15).

„Недоразбирања секогаш ќе има, но дали ќе ги решиме или не, зависи од нас. Мора да бидеме стрпливи. Со стрпливост, сѐ се решава“ (Г. А., 27 години во брак).

НИКОГАШ НЕ УПОТРЕБУВАЈ ВЕРБАЛНО ИЛИ ФИЗИЧКО НАСИЛСТВО

„Отфрлете го сето ова: гневот, лутината, злобата, погрдниот говор, а безобразни зборови да не излегуваат од вашата уста“ (Колошаните 3:8).

„Се чудам колку маж ми може да се контролира. Секогаш успева да остане смирен, и досега не му се случило да ми се развика или да ме навреди“ (Б. Д., 20 години во брак).

СПРЕМНО ПРОСТУВАЈ И БРЗО РЕШАВАЈ ГИ НЕСОГЛАСУВАЊАТА

„Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого“ (Колошаните 3:13).

„Кога си под стрес, тешко е да останеш смирен и лесно можеш да кажеш или да направиш нешто што ќе го повреди твојот брачен другар. Во тие моменти, простувањето е вистински лек. Не е возможно да имаш добар брак ако не знаеш да простиш“ (А. Б., 34 години во брак).

НЕКА ТИ БИДЕ НАВИКА ДА ДАВАШ И ДА ДЕЛИШ

„Давајте, и ќе ви се даде... Зашто, со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери“ (Лука 6:38).

„Маж ми знае што ме радува, и секогаш ме изненадува со нешто. Тоа ме тера да размислувам со што можам и јас да го изненадам и израдувам него. Во таквите прилики, многупати заедно сме се смееле, и сѐ уште е така“ (Х. К., 44 години во брак).

НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ

Лицата што Разбудете се! ги интервјуираше се само неколку од милиони низ светот на кои Библијата им помогнала да развијат особини што им помагаат да имаат мир во семејството. * Дури и кога некој од нивното семејство не го правел својот дел, тие сепак увиделе дека нивниот труд се исплаќа, затоа што Библијата ветува дека „оние што го унапредуваат мирот, се радуваат“ (Изреки 12:20).

^ пас. 24 Нешто повеќе во врска со тоа како да имаш среќно семејство можеш да прочиташ во поглавје 14 од книгата Што навистина учи Библијата?, која е издадена од Јеховините сведоци и е достапна на www.ps8318.com/mk. Кликни и на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВОТО.