Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Алергија на храна и интолеранција на храна — која е разликата?

Алергија на храна и интолеранција на храна — која е разликата?

Емили: „Пробав само малку од јадењето и веднаш почна да ми се лоши. Устата почна да ме чеша, а јазикот да ми отекува. Се чувствував зашеметено и не можев да земам воздух. На рацете и на вратот ми се појави исип. Се обидував да не кревам паника, ама ми беше јасно дека итно мора да одам на лекар“.

ЗА ПОВЕЌЕТО луѓе, јадењето е момент на уживање. Но, некои мора да бидат претпазливи бидејќи некои видови храна можат да бидат нивни непријател. Исто како Емили, што е спомната погоре, многу луѓе се алергични на некоја храна. Она што ѝ се случило на Емили е посериозна алергиска реакција наречена анафилакса. За среќа, повеќето алергиски реакции на храна не се толку опасни.

Во последниве години, сѐ повеќе луѓе стануваат алергични или, пак, интолерантни на храна. Сепак, според некои истражувања, само мал број од оние што се сомневаат дека имаат алергија ги направиле потребните испитувања за да го потврдат тоа.

Што е алергија на храна?

Според извештајот на една група научници предводени од д-р Џенифер Шнајдер Чејфен, „не постои општоприфатена дефиниција за тоа што е алергија на храна“ (The Journal of the American Medical Association). Сепак, повеќето експерти сметаат дека појавата на алергиски реакции првенствено е поврзана со имунолошкиот систем.

Причина за алергиска реакција на некоја храна обично се протеините во неа. Имунолошкиот систем дава лажен сигнал дека одреден протеин е штетен. Кога протеинот ќе влезе во телото, имунолошкиот систем може да развие посебен вид антитела познати како IgE (имуноглобулин Е) со цел да го неутрализира натрапникот во телото. Наредниот пат кога во телото ќе влезе истиот алерген, претходно формираните антитела веднаш почнуваат да испуштаат хемиски состојки, меѓу кои и хистамин.

Во нормални околности, хистаминот му користи на имунолошкиот систем. Но, сѐ уште не се знае од кои причини присуството на антителата IgE и испуштањето на хистамин предизвикуваат алергиска реакција кај луѓето што станале преосетливи на одреден протеин.

Ова објаснува зошто би можело да се случи да немаш никаква реакција кога за првпат јадеш некоја храна, но да добиеш алергија наредниот пат кога го јадеш истото.

Што е интолеранција на храна?

Исто како при алергиите, и при интолеранција на храна доаѓа до изразена реакција на телото на одредена храна. Но, за разлика од алергиската реакција, која е директно поврзана со имунолошкиот систем, интолеранцијата на храна е поврзана со дигестивниот систем, при што не се создаваат антитела. Лицето што е интолерантно на некоја храна обично има проблем со варењето на храната, веројатно поради недостаток на ензими или, пак, поради тоа што цревата тешко можат да разградат некои хемиски состојки во храната. На пример, до интолеранција на лактоза доаѓа кога во цревата не се создаваат ензимите кои се потребни за да се разградат шеќерите од млечните производи.

Бидејќи при интолеранција на храна не се создаваат антитела, телото реагира веднаш штом ќе се внесе храната. Одлучувачки фактор може да биде количината на внесена храна. Доколку станува збор за помала количина, телото можеби ќе ја прифати храната, но ако се внесе поголема количина, тоа може да претставува проблем за организмот. Ова е потполно различно од потешките видови алергии, кога и само мало количество на храна може да предизвика реакција што ќе го загрози животот.

Кои се симптомите?

Ако си алергичен на некоја храна, може да имаш чешање, исип, гадење, повраќање, дијареја и оток на грлото, на очните капаци или на јазикот. Во најлош случај може да дојде до пад на крвниот притисок, вртоглавица, несвестица, па дури и до срцев застој. Анафилактичката реакција може брзо да напредува и да води до смрт.

Во основа, секоја храна може да предизвика алергија. Меѓутоа, најтешките алергии обично се предизвикани од млеко, јајца, риба, ракови, кикиритки, соја, јаткасти плодови и пченица. Алергијата на храна може да се појави на која било возраст. Истражувањата покажуваат дека важна улога има генетиката и дека децата кај кои едниот или двајцата родители имаат алергија се поподложни на алергија. Кај многу деца алергијата исчезнува откако ќе пораснат.

Симптомите при интолеранција на храна обично не се толку сериозни како оние што се јавуваат при потешките алергиски реакции. Оној што е интолерантен може да има болки во стомакот, надуеност, гасови, грчеви, главоболка, исип по кожата и да чувствува замор или постојана малаксаност. Интолеранција може да предизвикаат различни видови храна, но најчеста причина се млечните производи, пченицата, глутенот, алкохолот и квасецот.

Дијагноза и лекување

Ако сметаш дека си алергичен или интолерантен на некоја храна, можеби треба да посетиш специјалист. Ако самиот си поставуваш дијагноза и самиот одлучиш да исфрлиш некоја храна, тоа може лошо да се одрази врз твоето здравје бидејќи така ќе го лишиш телото од некои неопходни хранливи материи.

Општоприфатен начин на кој може да се спречат потешките алергии е воопшто да не се јаде храната што ја предизвикува алергијата. * Од друга страна, ако имаш поблага алергија или интолеранција на храна, можеби ќе ти помогне тоа што ќе внимаваш колку често јадеш одредена храна и во колкава количина. Меѓутоа, во зависност од тоа во колкава мера се интолерантни, за некои можеби ќе биде најдобро воопшто или барем одреден период да не јадат одредена храна.

Доколку си алергичен или интолерантен на храна, утешно е да знаеш дека многумина научиле да се справуваат со својот проблем и во исто време да уживаат во разни видови вкусна и здрава храна.

^ пас. 19 За оние што имаат потешка алергија честопати се препорачува со себе да носат инјекциско пенкало со адреналин (епинефрин) за да можат да го употребат во итен случај. Некои медицински лица препорачуваат децата што имаат алергија да носат некој видлив знак за нивните наставници или негувателки да знаат на што се алергични.