Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто е добро да штедиме енергија

Зошто е добро да штедиме енергија

ЕНЕРГИЈАТА е неопходна за да ја регулираме топлината во нашите домови, за да ги користиме нашите автомобили и за да извршуваме многу од нашите секојдневни активности. Сепак, луѓе од различни делови на светот се соочуваат со проблеми во снабдувањето со енергија.

Гари од Јужноафриканската Република смета дека „сѐ повисоките цени на горивото“ претставуваат голем проблем. Џенифер од Филипините е загрижена поради „постојаните прекини на електричната енергија“. А Фернандо од Ел Салвадор вели дека е „загрижен поради влијанието врз околината“, бидејќи во многу места ширум светот производството на енергија ја загадува животната средина.

Можеби се прашуваш што би можел да направиш на ова поле?

Секој човек може да избере мудро да ја користи енергијата, односно да ја користи штедливо и ефикасно. Кога трошиме помалку енергија, си ги намалуваме трошоците. Освен тоа, така помагаме да се заштити животната средина бидејќи не ја зголемуваме побарувачката на енергија непотребно.

Да разгледаме три подрачја на кои би можеле помудро да ја користиме енергијата — домот, превозот и секојдневните активности.

ДОМОТ

Штедливо користи ги уредите за греење и ладење. Едно истражување спроведено во Велика Британија покажало дека во текот на една година најмногу енергија била заштедена со намалување на собната температура за само два степени за време на зимскиот период. Дерик, кој живее во Канада, вели: „Кога во зима се облекуваме потопло наместо да го вклучуваме греењето до максимум, како семејство штедиме енергија“.

Истото важи и за ладењето на просториите во местата со потопла клима. Рудолфо од Филипините го мести термостатот на клима-уредот на разумна температура. Зошто? Тој вели: „Така штедиме и пари и енергија“.

Кога го грееш или ладиш домот, вратите и прозорците нека бидат затворени. * На тој начин се избегнува непотребно трошење на енергија. На пример, ако се остави отворена врата кога надвор е многу ладно, ќе биде потребно многу повеќе енергија за да се одржува температурата во објектот.

Освен што се трудат да ги затвораат вратите и прозорците, некои луѓе уште повеќе ги намалиле трошоците за енергија така што во својот дом поставиле подобра изолација и енергетски ефикасни прозорци.

Користи штедливи светилки. „Наместо класични сијалици, почнавме да користиме штедливи“, вели Џенифер, која беше цитирана претходно. Иако новите штедливи светилки обично се поскапи, тие трошат многу помалку електрична енергија и затоа, долгорочно гледано, се поекономични.

ПРЕВОЗОТ

Ако е можно, користи јавен превоз. „Секогаш кога можам, одам на работа со воз или со велосипед“, вели Ендру од Велика Британија. Во една книга пишува дека „автомобилите трошат најмалку три пати повеќе енергија по патник во споредба со автобусите и возовите“ (Energy: What Everyone Needs to Know).

Планирај однапред. На тој начин можеби ќе успееш да го намалиш бројот на патувања, со што ќе заштедиш гориво, како и време и пари.

Џетро од Филипините однапред одредува колку гориво ќе потроши во текот на месецот. Тој вели: „Тоа ми помага најдобро да го искористам времето кога сум излезен со колата“.

СЕКОЈДНЕВНИТЕ АКТИВНОСТИ

Троши помалку топла вода. Според едно истражување во Австралија, „греењето на вода зазема 1,3 отсто од вкупната потрошена енергија во... градовите, што е 27 отсто на ниво на домаќинство“.

Бидејќи за греење на вода е потребна енергија, кога се користи помалку топла вода, се штеди енергија. Затоа, Виктор од Јужноафриканската Република вели: „Се трудиме да користиме што помалку топла вода додека се тушираме“. Според научникот Стивен Кенвеј, „од штедењето топла вода има три користи. Се троши помалку вода и енергија, се намалува побарувачката на овие ресурси од компаниите, и домаќинствата... штедат пари“.

Исклучувај ги од струја светлата, апаратите и електронските уреди, како што се телевизорите и компјутерите. Дури и кога не се користат, многу од тие уреди сѐ уште трошат енергија ако се вклучени во струја. Некои експерти препорачуваат уредите да се извадат од штекер или да се користи кабел со прекинувач за да не се троши струја. Фернандо, кој беше цитиран претходно, стекнал таква навика. „Ги исклучувам светлата и ги вадам од штекер уредите што не ги користам“, вели тој.

Можеби немаме голема контрола врз цената на електричната енергија и горивото, како и врз штетата што ѝ се нанесува на животната средина. Сепак, можеме да направиме нешто — можеме мудро да ја користиме енергијата. Луѓе од целиот свет наоѓаат начини да го прават тоа. Точно е дека штедењето на енергија бара труд и планирање, но користите не се за потценување. Валерија од Мексико вели: „Освен што штедам пари, помагам и да се зачува околината“.

^ пас. 10 Внимателно следи ги упатствата од производителот за безбедно користење на уредите за греење и ладење. На пример, за некои уреди е потребен постојан доток на свеж воздух, поради што можеби ќе треба да се остави отворена врата или прозорец.