Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Елијас Хутер и неговиот превод на Библијата на хебрејски

Елијас Хутер и неговиот превод на Библијата на хебрејски

МОЖЕШ ЛИ да ја читаш Библијата на хебрејски јазик? Веројатно не. Можеби никогаш не си ни видел Библија на хебрејски. Сепак, ако дознаеш нешто повеќе за Елијас Хутер, изучувач од 16 век, и за неговиот превод на Библијата на хебрејски, ќе имаш поголемо ценење за оваа света книга.

Елијас Хутер бил роден во 1553 год. во Герлиц, мало гратче кое денес се наоѓа близу границата на Германија со Полска и со Република Чешка. Хутер ги изучувал источните јазици на Лутеранскиот Универзитет во градот Јена. Уште на 24 години тој станал професор по хебрејски јазик во Лајпциг. Како реформатор на училишниот систем, подоцна основал училиште во Нирнберг во кое учениците можеле четири години да изучуваат хебрејски, грчки, латински и германски. Во тоа време, вакво нешто не нудело ниту едно друго училиште или универзитет.

„УБАВИНАТА НА ОВА ИЗДАНИЕ“

Насловна страница на изданието на Библијата на хебрејски кое Хутер го завршил во 1587 год.

Во 1587 год. Хутер го завршил изданието на хебрејски на т.н. Стар завет. Ова издание имало наслов Дерек ха-Кодеш, кој бил земен од Исаија 35:8 и значи „Пат на светоста“. Дури и самиот фонт ја одразува „убавината на ова издание“. Но, оваа Библија била особено вредна бидејќи можела да им помогне на учениците подобро да научат хебрејски.

За да разбереме зошто изданието на Хутер било толку практично, ќе наведеме два предизвика со кои се соочувале учениците кои сакале да ја читаат Библијата на хебрејски. Прво, наидувале на сосема поинаква и непозната азбука, и второ, поради префиксите и суфиксите било тешко да се препознае коренот на зборовите. Да го земеме за пример хебрејскиот збор נפשׁ (нефеш), кој значи „душа“. Во Езекиел 18:4, на овој збор е додаден определениот член ה (ха), и така се добива зборот הנפשׁ (ханефеш), односно „душата“. На некој што не го знае добро хебрејскиот јазик, зборот הנפשׁ (ханефеш) може да му изгледа како да е сосема различен збор од נפשׁ (нефеш).

За да им помогне на своите ученици, Хутер применил една генијална метода. Тој користел два вида букви — масни и контурни. Коренот на зборовите го печател со масни букви, додека префиксите и суфиксите ги печател со букви кои имале само контури. Благодарение на оваа метода, учениците можеле веднаш да го препознаат коренот на хебрејските зборови и полесно да го научат јазикот. Во фуснотите на англиското издание на Светото писмо — превод Нов свет со референци се користи слична метода. * Коренот на зборот што е транслитериран е напишан со масни букви, додека префиксите и суфиксите со обични букви. На обележаните делови од сликите може да се види фонтот употребен во Библијата на хебрејски од Хутер во Езекиел 18:4, како и фонтот во фуснотите за истиот стих во англиското издание на Светото писмо — превод Нов свет со референци.

„НОВИОТ ЗАВЕТ“ НА ХЕБРЕЈСКИ

Хутер исто така го отпечатил и „Новиот завет“ со текст на 12 јазици. Ова издание било објавено во Нирнберг во 1599 год. (познато како Nuremberg Polyglot). Хутер сакал ова издание да содржи и превод на Христијанските грчки списи на хебрејски јазик. Но, тој рекол дека не би нашол еден таков превод дури и да „понуди цело богатство“ за да го купи. * Затоа одлучил самиот да го преведе Новиот завет од грчки на хебрејски. Сѐ друго тргнал настрана, и потполно се посветил на преведувањето. Хутер го завршил својот превод за само една година!

Колку бил добар преводот на Хутер на Христијанските грчки списи на хебрејски јазик? Франц Делич, истакнат изучувач по хебрејски јазик од 19 век, напишал: „Од неговиот хебрејски превод се гледа дека многу добро го владеел хебрејскиот јазик, што било вистинска реткост во христијанскиот свет. Тој превод ни користи и ден-денес, бидејќи на многу места е употребен израз кој најдобро ја доловува смислата на изворниот текст“.

ТРАЈНА ВРЕДНОСТ

Хутер не се збогатил од своите преводи. Неговите изданија очигледно не биле многу купувани. Сепак, неговиот труд има трајна вредност. На пример, неговото издание на Новиот завет на хебрејски било ревидирано и отпечатено во 1661 год. од страна на Вилијам Робертсон, а потоа и од Ричард Кадик во 1798 год. Додека преведувал од изворниот грчки јазик, Хутер соодветно ги превел титулите Кириос (Господар) и Теос (Бог) со „Јехова“ (יהוה, ЈХВХ) секогаш кога имало цитат од Хебрејските списи или кога сметал дека текстот се однесува на Јехова. Ова е навистина значајно бидејќи во многу преводи на Новиот завет е изоставено Божјето лично име. Меѓутоа, преводот на Хутер го содржел Божјето име. Тоа покажува дека тој сакал името на Бог да биде вратено во Христијанските грчки списи.

Следниот пат кога во Христијанските грчки списи ќе го видиш Божјето име, Јехова, сети се на делото на Елијас Хутер и на неговиот превод на Библијата на хебрејски.

^ пас. 7 Можеш да ја видиш втората фуснота за Езекиел 18:4, како и додатокот 3Б во ова издание на Библијата на англиски.

^ пас. 9 Очигледно, дотогаш некои изучувачи веќе го имале преведено Новиот завет на хебрејски. Еден од нив бил Симон Атуманос, византиски монах кој го завршил својот превод околу 1360 год. Друг бил Освалд Шрекенфукс, германски изучувач кој го завршил својот превод околу 1565 год. Овие преводи никогаш не биле објавени и денес се изгубени.