Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Долината Ила

Давид и Голијат — вистински настан или мит?

Давид и Голијат — вистински настан или мит?

Некои луѓе се прашуваат дали извештајот за Давид и Голијат е вистински настан или, пак, само мит. Дали и тебе ти се појавија слични сомнежи додека ја читаше претходната статија? Ако да, размисли за следниве три прашања.

1 | Можно ли е човек да биде висок 2,9 метри?

Библијата вели дека Голијат бил висок „шест лакти и една педа“ (1. Самоилова 17:4). Лактот за кој станува збор во овој случај бил долг 44,5 сантиметри, а педата 22,2 сантиметри. Според тоа, Голијат бил висок околу 2,9 метри. Некои тврдат дека е невозможно да бил толку висок. Но, размисли за следново: највисокиот човек во поново време за кого има документирани податоци бил висок нешто повеќе од 2,7 метри. Тогаш, дали навистина е невозможно Голијат да бил повисок за околу 20 сантиметри? Тој потекнувал од Рефаимците, луѓе кои биле познати по својата невообичаена висина. Во еден египетски документ од 13 век пр.н.е. се спомнува дека некои бестрашни воини од областа Ханаан биле високи преку 2,4 метри. Според тоа, иако било необично, не било невозможно Голијат да бил толку висок.

2 | Дали Давид бил вистинска личност?

Некои изучувачи се обиделе да му придадат митолошко значење на цар Давид, но тоа не им одело лесно. Археолозите пронашле еден стар натпис во кој се спомнува „куќата на Давид“. И Исус Христос зборувал за Давид како за вистинска личност (Матеј 12:3; 22:43-45). Како потврда дека Исус е Месијата служат две детални родословија од кои се гледа дека Исус е потомок на цар Давид (Матеј 1:6-16; Лука 3:23-31). Според тоа, нема никаков сомнеж дека Давид бил вистинска личност.

3 | Дали местото на кое се случиле опишаните настани навистина постоело?

Библијата вели дека битката се одиграла во долината Ила. Но, таа спомнува и еден детаљ — дека Филистејците биле улогорени на една падина меѓу двата града Сохо и Азика. Израелците биле улогорени на падината од спротивната страна. Дали овие места постоеле?

Еден човек што неодамна го посетил ова место вели: „Нашиот туристички водич, кој не беше религиозен човек, нѐ одведе до долината Ила. Се искачивме по едно патче што водеше до работ на еден рид. Додека гледавме кон долината, ни ги прочита зборовите од 1. Самоилова 17:1-3. Потоа, покажувајќи кон другата страна на долината ни рече: ,Таму, од вашата лева страна, лежат урнатините на Сохо‘. Потоа се сврте и рече: ,А онаму, од вашата десна страна, се урнатините на Азика. Филистејците биле улогорени меѓу овие два града, некаде на ридовите пред вас. Ние можеби стоиме токму на местото каде што биле улогорени Израелците‘. Си ги замислив Саул и Давид како стојат на местото каде што стоев јас. Потоа се спуштивме во долината и го поминавме речното корито кое беше претежно суво и полно со камења. Лесно можев да си го замислам Давид како застанува, се наведнува и одбира пет мазни камења за да го убие Голијат“. Како и многу други, и овој посетител бил воодушевен од точните детали изнесени во библискиот извештај.

Значи, нема никаква основа да се сомневаме дека овој извештај е историски настан. Во него се зборува за личности и места што навистина постоеле. Што е уште поважно, тој е дел од Божјата Реч, што значи дека е запишан под водство на Богот на вистината, оној што „не може да лаже“ (Тит 1:2; 2. Тимотеј 3:16).