Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Му дозволив на Јехова да ме води во животот

Му дозволив на Јехова да ме води во животот

КОГА имав 16 години, самиот си го избрав мојот животен пат — одлучив да градам кариера во која многу уживав. Но Јехова ми понуди да изберам еден друг пат. Тој како да ми кажа: „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш“ (Пс. 32:8). Бидејќи му дозволив на Јехова да ме води во животот, можев потполно да се посветам на службата за него и да доживеам безброј благослови, меѓу кои беше и можноста да служам 52 години во Африка.

ОД ЦРНИТЕ ЧАДОВИ ВО РОДНОТО МЕСТО ДО ТОПЛОТО СРЦЕ НА АФРИКА

Роден сум во 1935 год. во Дарластон, регион во Англија над кој се надвиснуваат црните чадови кои ги испуштаат многуте фабрики. Кога имав околу четири години, моите родители почнаа да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Кога бев на возраст од околу 14 години, се уверив дека ова е вистината и се крстив во 1952 год., на 16 години.

Во тоа време, почнав да учам занает во една голема фабрика во која се произведуваа рачни алати и делови за моторни возила. Ме обучуваа да бидам секретар на фирмата, работа во која многу уживав.

Но тогаш требаше да донесам една важна одлука бидејќи еден патувачки надгледник ми понуди да водам Собраниско проучување на книга во моето собрание во Виленхол. Тој состанок се одржуваше во работен ден. Се најдов во недоумица. Зошто? Па во тоа време, одев на состаноци во две собранија. Во текот на работните денови, одев во собранието Бромсгроув, кое беше најблизу до моето работно место. Тоа беше оддалечено околу 32 километри од мојот дом. А за време на викендите, кога ќе се вратев кај моите родители, одев во собранието во Виленхол.

Бидејќи сакав да ја поддржувам Јеховината организација, ја прифатив понудата од патувачкиот надгледник иако тоа значеше дека требаше да ја оставам работата во која многу уживав. Тоа што го следев водството од Јехова кога одлучував по кој пат да тргнам во оваа ситуација ми овозможи да водам живот за кој никогаш не зажалив.

Додека одев во собранието Бромсгроув, запознав една убава сестра по име Ен, на која службата за Јехова ѝ беше на прво место. Стапивме во брак во 1957 год., и заедно служевме како општи пионери, специјални пионери, во патувачкото дело и во Бетел. Целиот мој живот Ен ми е голем извор на радост.

Бевме пресреќни што во 1966 год. можевме да присуствуваме на 42. клас на Гилеад. Бевме испратени да служиме во Малави, земја која е позната како топлото срце на Африка поради нејзините љубезни и гостопримливи жители. Но не знаевме дека нема да можеме долго да останеме таму.

СЛУЖИМЕ ВО МАЛАВИ ВО ВРЕМЕ НА ДРАМАТИЧНИ НАСТАНИ

Џипот што го користевме во патувачкото дело во Малави

Во Малави пристигнавме на 1 февруари 1967 год. Првиот месец, поголемиот дел од времето го учевме јазикот, а потоа почнав да служам како областен надгледник. Возевме теренско возило за кое некои мислеа дека може да вози секаде, дури и низ реки. Но тоа не беше точно бидејќи можевме да возиме само низ плитка вода. Понекогаш престојувавме во колиби направени од слама и кал под чиј покрив требаше да ставаме водоотпорна церада за време на дождовната сезона. Тоа не беше баш пријатен почеток на нашата мисионерска служба, но нам ни се допаѓаше!

Во април, сфатив дека наскоро ќе имаме проблеми со властите. На радио слушнав еден говор од претседателот на Малави, д-р Хастингс Банда. Тој тврдеше дека Јеховините сведоци не плаќаат даноци и дека им прават проблеми на властите. Се разбира, овие обвинувања воопшто не беа точни. Сите знаевме дека вистинската причина беше тоа што бевме неутрални, особено тоа што не сакавме да купиме партиски книшки.

Во септември, прочитавме во весник дека претседателот ги обвинил браќата дека насекаде предизвикуваат проблеми. На еден политички конгрес тој објави дека неговата влада наскоро ќе ги забрани Јеховините сведоци. Оваа забрана стапи на сила на 20 октомври 1967 год. Кратко потоа, полицајци и службеници од Одделот за емиграција дојдоа во подружницата за да ја затворат и за да ги депортираат мисионерите од земјата.

Нѐ апсат и нѐ депортираат од Малави заедно со мисионерите Џек и Линда Јохансон (1967)

Откако бевме три дена во затвор, нѐ депортираа во Маврициус, земја која беше под власт на Британија. Но властите во Маврициус не ни дозволија да останеме како мисионери. Затоа бевме испратени да служиме во Родезија (денешно Зимбабве). Кога стигнавме таму, наидовме на еден груб службеник од Одделот за емиграција кој не сакаше да ни дозволи да влеземе во земјата и кој ни рече: „Бевте депортирани од Малави, не ви дозволија да останете во Маврициус и сега дојдовте тука бидејќи немате каде да одите“. Ен почна да плаче. Се чинеше дека никаде не нѐ сакаат. Во тој момент, сакав да си заминеме и да се вратиме дома во Англија. На крајот, емиграциските власти сепак ни дозволија да преноќеваме во подружницата под услов следниот ден да се пријавиме во нивната канцеларија. Бевме исцрпени, но и понатаму ги остававме работите во Јеховини раце. Попладнето следниот ден, неочекувано добивме дозвола да останеме во Зимбабве како посетители. Никогаш нема да заборавам како се чувствував тој ден. Бев уверен дека Јехова ни го покажуваше патот.

НОВА ЗАДАЧА — СЛУЖИМЕ ОД ЗИМБАБВЕ ВО МАЛАВИ

Со Ен во Бетелот во Зимбабве (1968)

Во подружницата во Зимбабве добив задача да работам во Одделението за служба и да се грижам за Малави и за Мозамбик. Браќата во Малави доживуваа сурово прогонство. Дел од мојата работа беше да преведувам извештаи кои ги испраќаа покраинските надгледници од Малави. Една вечер додека работев до доцна за да завршам еден извештај, плачев кога читав како беа малтретирани моите браќа и сестри. * Сепак, многу бев охрабрен од нивната верност, истрајност и вера (2. Кор. 6:4, 5).

Правевме сѐ што можевме за да им обезбедиме духовна храна на браќата кои останаа во Малави, како и на оние кои пребегаа во Мозамбик за да се спасат од насилството. Преведувачкиот тим за јазикот чичева, кој е најзборуваниот јазик во Малави, беше префрлен во Зимбабве на една голема фарма од еден брат. Овој великодушен брат изгради домови и канцеларија за членовите на тој тим. Таму тие продолжија со својата важна задача да ја преведуваат библиската литература.

Секоја година организиравме покраинските надгледници кои служат во Малави да присуствуваат на обласниот конгрес на јазикот чичева во Зимбабве. Таму тие ги добиваа нацртите за конгресните говори. Кога се враќаа во Малави, се трудеа најдобро што можеа да ги охрабрат браќата со поуките што ги имаа чуено на конгресот. Една година за време на нивната посета во Зимбабве, успеавме да организираме Школа за именувани браќа за да ги охрабриме овие смели покраински надгледници.

Држам говор на јазикот чичева на конгрес во Зимбабве, кој се одржуваше на јазиците чичева и шона

Во февруари 1975 год., патував низ Мозамбик за да ги посетам Сведоците кои пребегаа во оваа земја и беа сместени во кампови. Овие браќа беа во чекор со останатиот дел од Јеховината организација. Меѓу другото, тие ги применија и најновите упатства во врска со тоа во собранијата да има старешинство. Новите старешини организираа многу духовни активности, односно држеа јавни предавања, организираа состаноци на кои се разгледуваше дневниот стих и се проучуваше Стражарска кула, па дури и одржуваа собири. Тие ги организираа камповите исто како што се организира еден конгрес. Во секој камп имаше одделение за чистење, делење на храна и безбедност. Овие верни браќа постигнаа толку многу благодарение на Јеховиниот благослов, а јас си заминав од кај нив многу охрабрен.

Кон крајот на 1970-тите, за Малави почна да се грижи подружницата во Замбија. Сепак, и понатаму често мислев на браќата во Малави и се молев за нив, како што правеа и многу други. Во неколку прилики, како член на Одборот на подружницата во Зимбабве се сретнав со претставници на главното седиште, како и со одговорни браќа од Малави, Јужноафриканската Република и Замбија. Секојпат го поставувавме истото прашање: „Дали можеме да направиме нешто повеќе за браќата во Малави?“

Како што минуваше времето, прогонството се намалуваше. Браќата кои избегаа од Малави постепено почнаа да се враќаат, а оние што останаа во земјата сѐ помалку беа прогонувани. Соседните земји законски ги признаа Јеховините сведоци и ги укинаа ограничувањата. Мозамбик го стори истото во 1991 год. Но се прашувавме кога Јеховините сведоци ќе бидат слободни во Малави.

СЕ ВРАЌАМЕ ВО МАЛАВИ

Со текот на времето, политичката ситуација во Малави се смени и во 1993 год. властите ја укинаа забраната за Јеховините сведоци. Кратко потоа, разговарав со еден мисионер кој ме праша: „Дали ќе се вратиш во Малави?“ Тогаш имав 59 години и затоа му одговорив: „Не, престар сум за тоа“. Сепак, истиот тој ден добивме порака од Водечкото тело во која бевме замолени да се вратиме таму.

Ова беше тешка одлука за нас бидејќи многу ја сакавме нашата задача во Зимбабве. Таму имавме пуштено длабоки корења и имавме стекнато многу добри пријатели. Водечкото тело беше многу обѕирно и ни даде можност самите да избереме дали да ја прифатиме таа нова задача. Значи, лесно можевме да одлучиме да останеме во Зимбабве. Се сеќавам дека размислував за примерот на Авраам и Сара кои, бидејќи сакале да го следат Јеховиното водство, го оставиле својот удобен дом на постари години (1. Мој. 12:1-5).

Решивме да го следиме водството од Јеховината организација и се вративме во Малави на 1 февруари 1995 год., точно 28 години од денот кога за првпат пристигнавме таму. Беше формиран Одбор на подружницата кој го сочинуваа тројца браќа, меѓу кои бев и јас. Веднаш почнавме да ги организираме активностите на Јеховините сведоци.

ЈЕХОВА ДАВА ДА РАСТЕ

Беше голема чест да се види како делото во Малави брзо растеше благодарение на благословот од Јехова. Бројот на објавители многу брзо се зголеми од околу 30.000 во 1993 год. на повеќе од 42.000 во 1998 год. * Водечкото тело ги одобри плановите за изградба на нова подружница која требаше да се грижи за сѐ поголемите потреби на подрачјето. Купивме имот од 12 хектари во Лилонгве, а јас бев наименуван да служам во Одборот за изградба.

Во мај 2001 год. брат Гај Пирс од Водечкото тело го одржа говорот за посветување на новите објекти. Присуствуваа повеќе од 2.000 локални Сведоци, од кои повеќето беа крстени преку 40 години. Овие верни браќа и сестри истрајале под неописливо прогонство кое траеше со години за време на забраната. Тие беа сиромашни во материјален поглед, но во духовен поглед беа многу богати. И сега беа пресреќни што можеа да го разгледаат новиот Бетел. Низ целиот Бетел одекнуваа теократските песни кои тие ги пееја во африкански стил насекаде каде што одеа. Поради тоа, ова беше најтрогателниот настан на кој некогаш сум присуствувал. Тоа беше жив доказ дека Јехова богато ги благословува оние што верно истрајуваат во неволји.

Откако беше изградена подружницата, бев пресреќен што почнав да добивам задачи да одржувам говори за посветување на сали за состаноци. На собранијата во Малави многу им користеше програмата за брза изградба на сали за состаноци во земји со ограничени средства. Претходно, некои собранија се состануваа во колиби направени од дрво од еукалиптус. Покривите беа направени од трска, а за седење користеа долги клупи направени од кал. Сега браќата ревносно печеа цигли во печки кои самите ги направија и градеа прекрасни нови места за состаноци. Но тие сѐ уште сакаа да седат на клупи, бидејќи како што гласи една изрека: На клупа секогаш има место за уште еден.

Исто така, бев пресреќен што можев да видам како Јехова им помага на своите слуги да созреваат во духовен поглед. Особено бев восхитен од младите браќа од Африка кои спремно се ставаа на располагање да служат и брзо стекнуваа искуство благодарение на поуките и обуката од Јеховината организација. Како резултат на тоа, тие можеа да извршуваат поголеми одговорности во Бетел и во собранијата. Освен тоа, собранијата беа зајакнати и од новите локални покраински надгледници, од кои многумина беа во брак. Иако повеќето луѓе, а понекогаш дури и семејствата на овие брачни парови очекуваат тие да имаат деца, овие покраински надгледници и нивните сопруги решиле да немаат деца во овој свет за да можат во зголемена мера да му служат на Јехова.

ВООПШТО НЕ ЖАЛАМ ЗА МОИТЕ ОДЛУКИ

Со Ен во Бетелот во Британија

Откако служевме 52 години во Африка, ми се појавија некои здравствени проблеми. Водечкото тело ја одобри препораката на Одборот на подружницата да бидеме префрлени во Британија. Ни беше многу жал што моравме да ја оставиме задачата која ја сакавме, но бетелското семејство во Британија многу добро се грижи за нас.

Уверен сум дека тоа што му дозволив на Јехова да ме води во животот беше најдобрата одлука што можев да ја донесам. Ако се потпирав на себеси и на својот разум, којзнае каде ќе завршев поради световната кариера. Јехова секогаш знаеше што ми е потребно за да ги исправи моите патеки (Изр. 3:5, 6). Кога бев млад, многу сакав детално да научам како се извршува работата во една голема фирма. Сепак, задачите што ги извршував во Јеховината меѓународна организација ми донесоа многу поголемо задоволство. За мене, службата за Јехова секогаш беше, а и понатаму е она што најмногу ме исполнува во животот!

^ Историјата на Јеховините сведоци во Малави е објавена во Годишникот на Јеховините сведоци за 1999, стр. 148-223 (срп.).

^ Во Малави сега има повеќе од 100.000 објавители.