Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Езекиел спремно ја глумел опсадата на Ерусалим

Биди самопожртвуван како пророците

Биди самопожртвуван како пророците

ДАЛИ имаш нешто слично со пророците од минатото? Според една дефиниција, „пророк е некој преку кого Бог ги објавува своите намери. Пророците служеле како гласници на Јехова. Освен што претскажувале што ќе се случи во иднина, тие им ги пренесувале на другите неговите поуки, заповеди и пресуди“. Иако не ја претскажуваш иднината, и ти служиш како Божји гласник со тоа што го објавуваш она што го пишува во неговата Реч (Мат. 24:14).

За нас е огромна чест што можеме да им кажуваме на другите за нашиот Бог, Јехова, и да ги поучуваме за неговата намера со човештвото. Ние го вршиме ова дело заедно со ,ангелот кој лета среде небото‘ (Отк. 14:6). Но, понекогаш се соочуваме со предизвици поради кои би можеле да заборавиме колку е голема таа чест. Кои се некои од нив? Можеби сме исцрпени, обесхрабрени или се бориме со негативни чувства. И некои верни пророци во минатото се чувствувале така. Сепак, не се откажале, а Јехова им помогнал да ги извршат своите задачи. Да разгледаме неколку примери, и да видиме како можеме да ги следиме.

ТИЕ ДАВАЛЕ СЀ ОД СЕБЕ

Одвреме-навреме сигурно се чувствуваме уморни од секојдневните активности и можеби баш не ни се оди во служба. Се разбира, потребен ни е одмор, исто како што им бил потребен на Исус и на апостолите (Мар. 6:31). Но, размисли за времето кога Езекиел бил во Вавилон и за задачата која требало да ја изврши меѓу израелските заробеници кои биле доведени од Ерусалим. Во една прилика, Бог му кажал на овој пророк да земе тула и на неа да изреже слика од Ерусалим. Потоа Езекиел требало да одглуми дека го опсадува тој град така што најпрво ќе лежел 390 дена на левата страна, а потоа ќе лежел 40 дена на десната страна. Јехова му рекол: „Еве, ќе те врзам со јажиња за да не се свртиш од едната на другата страна додека не се навршат деновите на твојата опсада“ (Езек. 4:1-8). Ова сигурно го привлекло вниманието на израелските заробеници. Повеќе од една година, Езекиел требало да ја извршува оваа задача која го исцрпувала во физички поглед. Што му помогнало да истрае?

На Езекиел му било јасно зошто е испратен како пророк. Во врска со Израелците, Бог му кажал: „Слушале тие или не, ќе знаат дека меѓу нив имало пророк“ (Езек. 2:5). Езекиел постојано ја имал на ум целта на својата задача. Затоа спремно послушал кога Јехова побарал од него да ја одглуми опсадата на Ерусалим. Се покажало дека Езекиел е вистински пророк кога подоцна до него и до другите заробеници во Вавилон стигнала веста: „Градот падна!“ Израелците сфатиле дека меѓу нив навистина имало пророк (Езек. 33:21, 33).

Денес ние ги предупредуваме луѓето дека му претстои уништување на целиот свет на Сатана. Дури и кога сме уморни, продолжуваме да проповедаме, да правиме повторни посети и да ги поучуваме другите за Божјата Реч. Додека гледаме како се исполнуваат пророштвата за крајот на овој поредок, ние сме среќни што Бог ги објавува своите намери преку нас.

СЕ СООЧУВАЛЕ СО ОБЕСХРАБРУВАЊЕ

Јеховиниот дух ни помага да даваме сѐ од себе во службата. Сепак, понекогаш се разочаруваме бидејќи луѓето не ја прифаќаат нашата порака. Тогаш е добро да се сетиме на пророкот Еремија. Тој претрпел исмевање и навреди затоа што им ја објавувал Божјата порака на Израелците. Во еден момент, Еремија дури рекол: „Нема повеќе да го спомнувам и нема повеќе да зборувам од негово име“. Овој пророк имал слични чувства како и ние. И покрај тоа, продолжил да ја објавува Божјата порака. Зошто? Самиот тој го дал одговорот кога рекол: „Во моето срце неговата реч беше како распламтен оган, затворен во моите коски, па не можев повеќе да молчам, не можев да издржам“ (Ерем. 20:7-9).

Ако и ние сме обесхрабрени затоа што луѓето не ја прифаќаат добрата вест, можеме да ги победиме таквите чувства со тоа што ќе размислуваме за пораката која ја објавуваме. Таа може да биде како „распламтен оган“ во нашите коски. Ако ја читаме Библијата секој ден, тој оган постојано ќе гори во нас.

СЕ ИЗБОРИЛЕ СО НЕГАТИВНИТЕ ЧУВСТВА

Некои христијани на кои им била дадена одредена задача биле збунети и загрижени бидејќи не сфаќале зошто ја добиле или не знаеле како да ја извршат. Можеби и пророкот Осија се чувствувал така. Јехова му заповедал: „Оди, ожени се со жена која ќе направи блуд и ќе роди деца од блуд“ (Оси. 1:2). Замисли си како би се чувствувал кога Бог би побарал од тебе да стапиш во брак со жена која ќе те изневерува! Осија ја прифатил таа задача. Ја зел Гомер за жена, и таа му родила син. Подоцна таа родила ќерка и уште еден син. Очигледно, Осија не им бил татко на вторите две деца. Јехова однапред му кажал дека неговата жена „ќе трча по своите љубовници“. Значи, таа ќе имала повеќе љубовници, а не само еден. А потоа ќе сакала да му се врати на Осија. Да си бил на негово место, дали повторно би ја зел? Јехова му заповедал на Осија да го стори токму тоа! Всушност, пророкот дури платил огромна цена за да ја врати кај себе (Оси. 2:7; 3:1-5).

Осија можеби се прашувал каква корист би можело да има од тоа што ќе го послуша Бог. Всушност, се постигнале најмалку две работи. Поради тоа што ја извршил својата задача, ние можеме да сфатиме колкава болка чувствувал Јехова кога неговиот народ го изневерувал. Освен тоа, некои искрени Израелци биле поттикнати да му се вратат на Бог.

Денес Бог од никого не бара да стапи во брак со некој што ќе го изневерува. Сепак, дали може да извлечеме поука од тоа што Осија бил спремен да прифати таква задача? Една работа што ја учиме е да бидеме спремни да ја објавуваме добрата вест „јавно и одејќи од куќа до куќа“ иако тоа не ни е секогаш лесно (Дела 20:20). А што ако ти е тешко да учествуваш во некои видови сведочење? Тогаш размисли за следново: Многумина од оние кои со задоволство ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци велат дека никогаш нема да проповедаат од врата до врата. Сепак, подоцна почнуваат да го прават она што им било незамисливо. Зарем тоа не те уверува дека и ти можеш да ги совладаш негативните чувства кон одреден вид служба?

Можеме да извлечеме уште една поука од тоа што Осија прифатил да изврши тешка задача. Тој можел да одбие да игра улога во симболичната драма со неговата жена и — ако самиот не го запишал тоа — никој не би ни знаел каква задача добил. Можеби и ние ќе имаме прилика да посведочиме за Јехова иако никој нема да знае за тоа. Ова ѝ се случило на Ана од САД, која оди во средно училиште. Нејзината професорка им дала задача да напишат есеј на некоја тема за која имаат цврсти убедувања. А потоа требало да изнесат докази за да ги уверат и другите во класот. Ана можела свесно да ја пропушти приликата да даде сведоштво. Но, таа била уверена дека Бог ѝ дава шанса да посведочи. Бидејќи ѝ било јасно на каква реакција може да наиде, Ана му се помолила на Јехова и почувствувала силна желба да ја искористи можноста да зборува за него. Затоа напишала есеј со наслов: „Еволуција — што велат фактите?“

Нашите млади го следат примерот на пророците — смело го бранат Бог како наш Творец

Кога Ана го изнела својот есеј пред класот, една соученичка која верувала во еволуција ја бомбардирала со прашања. Ана успешно го одбранила својот став. Нејзината професорка била толку импресионирана што ѝ дала награда за најуверлив есеј. Оттогаш Ана повеќепати разговарала на таа тема со девојката која ѝ поставувала прашања. Каков бил резултатот од тоа што ја прифатила оваа „задача“ од Јехова? Таа вели: „Сега смело и со увереност ја проповедам добрата вест“.

Иако не сме пророци во потполна смисла на зборот, ако сме самопожртвувани како пророците Езекиел, Еремија и Осија, и ние ќе можеме успешно да ја вршиме Јеховината волја денес. Во текот на семејното или личното проучување, би можел ли да истражуваш повеќе за некои други пророци од минатото и да размислиш како да го следиш нивниот пример?