Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова ги сака кротките

Јехова ги сака кротките

Приближи му се на Бог

Јехова ги сака кротките

4. Мојсеева 12:1-15

ГОРДОСТ, љубомора, амбиција. Овие особини се вообичаени кај луѓето што се успешни во овој свет. Но, дали овие особини нѐ зближуваат со Јехова Бог? Не. Напротив, Јехова сака неговите слуги да бидат кротки. Ова јасно се гледа од извештајот што е запишан во 4. Мојсеева, 12. поглавје. Настаните опишани овде се одиграле во пустината Синај, откако Израелците биле избавени од Египет.

Маријам и Арон, сестрата и братот на Мојсеј, ‚почнале да зборуваат против‘ својот помлад брат (1. стих). Наместо да зборуваат само со Мојсеј, тие зборувале против него, веројатно ширејќи ги своите поплаки низ целиот логор. Изгледа дека во тоа предводела Маријам, која е спомната прва. Првата причина за негодување било тоа што Мојсеј се оженил со Хусанка. Дали Маријам била љубоморна заради тоа што можела да биде засенета од таа друга жена — и тоа не-Израелка?

Но, вистинската причина за поплаките била многу подлабока. Маријам и Арон постојано велеле: „Зарем Јехова зборува само преку Мојсеј? Не зборува ли и преку нас?“ (2. стих). Дали вистинскиот мотив што стоел зад нивното приговарање била желбата за поголема моќ и признание?

Од извештајот дознаваме дека Мојсеј не одговорил на тие поплаки. Очигледно не рекол ништо на таквите груби зборови. Со тоа што покажал стрпливост, го потврдил она што го вели Библијата за него, имено, дека бил „најкроткиот од сите луѓе“ на Земјата a (3. стих). Мојсеј не морал да се брани. Јехова слушал и се застапил за него.

Јехова гледал на таквото приговарање како да е насочено против него. Тој лично го поставил Мојсеј на неговата положба. Прекорувајќи ги Маријам и Арон, Бог ги потсетил дека тој има посебен однос со Мојсеј: „Со него разговарам лице в лице“. Потоа ги прашал: „Како тогаш не се плашевте да зборувате против... Мојсеј?“ (8. стих). Со тоа што зборувале против Мојсеј, тие, всушност, зборувале против Бог. Поради таквото крајно непочитување, го почувствувале Божјиот жесток гнев.

Маријам, која очигледно го започнала сето тоа, добила лепра. Арон веднаш почнал да го преколнува Мојсеј да се заземе за неа. Замисли — здравјето на Маријам сега зависело токму од оној кому му згрешила! Мојсеј кротко го послушал Арон. Иако дотогаш не кажал ништо на обвиненијата, сега Мојсеј првпат прозборел, горливо молејќи го Јехова да ѝ прости на сестра му. Маријам оздравела, но морала седум дена да биде надвор од логорот, што било голем срам.

Овој извештај ни покажува кои особини ги сака Јехова, а кои не. Ако сакаме да му се приближиме на Бог, мораме да ги искорениме сите траги на гордост, љубомора и амбиција што ќе ги забележиме кај себе. Јехова ги сака кротките. Тој ветува: „Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11; Јаков 4:6).

[Фуснота]

a Кроткоста е јака карактерна црта што помага да се издржи неправдата стрпливо и без одмазда.