Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Рибарење на Галилејското Море

Рибарење на Галилејското Море

Рибарење на Галилејското Море

КАКОВ бил животот на еден рибар на Галилејското Море во првиот век? Одговорот на ова прашање ќе ни помогне да разбереме многу извештаи од евангелијата, како оние што беа разгледани во претходната статија.

Галилејското „Море“ е всушност слатководно езеро долго околу 21 и широко околу 12 километри. Рибарите со векови наназад ловат од ова езеро богато со риба. Рибната Порта во Ерусалим очигледно била место во чија близина се наоѓал рибен пазар (Неемија 3:3). Дел од рибите кои се продавале на тој пазар биле уловени на Галилејското Море.

Апостол Петар потекнувал од еден град на Галилејското Море кој се викал Витсаида, што можеби значи „Домот на рибарот“. Друг град што лежел крај ова езеро бил Магадан, или Магдала, каде што Исус ги одвел своите ученици некое време откако одел по водата (Матеј 15:39). Според еден писател, грчкото име на тој град би можело да се преведе со „Град во кој се преработува риба“. Бил познат по своите фабрики за преработка на риба, каде што рибите уловени во околните места биле сушени и посолувани или ставани во саламура за да се направи сос кој се чувал во глинени ќупови наречени амфори. Потоа, овие производи се пакувале и веројатно се доставувале во сите делови на Израел, па дури и во други земји.

Во времето на Исус, голем број луѓе биле вклучени во ловењето, преработката и продавањето на рибата во Галилеја. Лесно може да се помисли дека тоа им носело добра заработка на мнозина во тој крај. Сепак, не мора да значи дека било така. Рибарењето „не било само ‚слободен бизнис‘, како што денес можеби си мислат некои читатели на Новиот завет“, вели еден изучувач. Тоа било дел од „бизнис што го регулирала државата, кој им носел профит само на една мала група избрани луѓе“.

Ирод Антипа бил поставен од Рим за да управува со Галилеја како тетрарх. Значи, под негова контрола биле патиштата, пристаништата и природните богатства во таа област, меѓу другото, и рудниците, шумите, земјоделството и риболовот. Природните богатства биле главен извор на даночни приходи за Ирод. Немаме детални информации за тоа каква даночна политика се спроведувала во Галилеја во првиот век. Меѓутоа, изгледа дека, општо земено, Ирод постапувал слично како грчките владетели или Римјаните во другите источни провинции. Голем дел од заработката добиена од стопанските дејности во тој крај, како и од искористувањето на природните богатства, веројатно завршувал во рацете на една елита наместо во рацете на обичниот народ, кој го вршел најголемиот дел од работата.

Огромни даноци

Во времето на Исус, најдоброто земјиште во Галилеја му припаѓало на царскиот дом и било поделено на големи поседи, кои Ирод Антипа им ги давал како дарови на своите достоинственици и на други лица. Поданиците на Ирод скапо го плаќале неговиот луксузен живот, неговите амбициозни градежни проекти и неговата сложена администрација. Освен тоа, од даноците одвојувал и пари кои им ги давал на пријателите и на градовите како донација за различни проекти. Се вели дека на обичниот народ му било многу тешко да ги плаќа даноците, таксите и давачките што се барале од него.

Исто така, Ирод имал целосен монопол над искористувањето на водите во земјата. Според тоа, рибарењето било една од дејностите што биле под контрола или на царот или на велепоседниците на кои Ирод им подарувал имоти. На подрачјата под директна царска управа, даночните посредници или главните даночници — богати лица што на аукција го откупиле правото да собираат даноци — имале овластување да ги одредат условите под кои им издавале на рибарите дозволи за риболов. Некои аналитичари велат дека, со оглед на тоа што Матеј бил даночник во Капернаум — важен рибарски центар на Галилејското Море — можеби работел за тие главни даночници во овој град „издавајќи царски дозволи за риболов“. *

Доказите од првиот и од вториот век пр.н.е. покажуваат дека даноците во Палестина честопати се плаќале во натура наместо со пари. Некои што работеле како рибари морале да даваат по 25 до 40 отсто од уловот за да добијат дозвола за риболов. Од древните документи дознаваме дека, барем во некои места што биле под римска управа, рибарењето останало под контрола на државата и било под надзор на инспектори. Во Писидија, еден вид рибарска полиција се грижела никој да не лови без дозвола и рибарите да им го продаваат својот улов само на овластени посредници, или препродавачи, чија дејност исто така била под надзор и подложела на даноци од страна на државата.

Еден аналитичар вели дека овие контроли и даноци на крајот значеле дека „царот или велепоседникот имале огромна добивка, а рибарите заработувале многу малку“. И заработувачката на оние што се занимавале со други стопански гранки била мала поради големите даноци. Даноците никогаш не биле омилени меѓу оние што требало да ги плаќаат. Меѓутоа, општото непријателство кон даночниците што може да се види од евангелијата, без сомнение, го зголемувала вистинската нечесност и лакомоста на луѓето што се збогатувале изнудувајќи сѐ што можеле од обичниот народ (Лука 3:13; 19:2, 8).

Рибарите во евангелијата

Евангелијата откриваат дека Симон Петар не ловел риба сам, туку имал ортаци. Оние што дошле да му помогнат да ја извлече мрежата кога со чудо уловил риби биле неговите „другари во другиот чамец“ (Лука 5:3-7). Изучувачите објаснуваат дека „рибарите можеби формирале ‚еснафи‘... за да преговараат за условите за добивање дозволи за рибарење или за закуп [на опрема]“. Веројатно на таков начин добиле дозвола да се занимаваат со риболов Зеведеевите синови, Петар, Андреј и нивните другари.

Во Библијата не е конкретно кажано дали овие рибари од Галилеја имале свои чамци и опрема. Некои сметаат дека било така. Всушност, пишува дека Исус се качил на чамец ‚кој бил на Симон‘ (Лука 5:3). Меѓутоа, една статија која ја обработува токму таа тема вели дека „не е исклучена можноста чамците да биле во сопственост на даночните посредници, кои им ги давале на користење на рибарските еснафи“. Како и да е, Библијата кажува дека Јаков и Јован ги поправале своите мрежи. Веројатно рибарите морале и да се ценкаат за да го продадат својот улов и, ако било потребно, да најмат надничари на еден ден.

Значи, во работата на галилејските рибари било вклучено многу повеќе отколку што можеби ни се чини на прв поглед. Нивното занимање било дел од еден сложен систем на економски односи. Кога го знаеме ова, извештаите од евангелијата и она што го рекол Исус во врска со рибарењето и рибарите имаат подлабоко значење за нас. Освен тоа, овие информации ќе ни помогнат да сфатиме и колкава вера имале Петар, Андреј, Јаков и Јован. Со рибарење тие си го ваделе лебот. Каква и да била нивната економска состојба кога ги повикал Исус, тие спремно го оставиле својот занает — кој бил сигурен извор на приход — за да станат „рибари на луѓе“ (Матеј 4:19).

[Фуснота]

^ пас. 9 Изгледа дека апостол Петар отишол да живее од Витсаида во Капернаум, каде што рибарел заедно со својот брат Андреј и со синовите на Зеведеј. Извесно време и Исус живеел во Капернаум (Матеј 4:13-16).

[Карта на страница 25]

(Види во публикацијата)

Езеро Хуле

Витсаида

Капернаум

Магадан

Галилејско Море

Ерусалим

Мртво Море

[Извор на слика]

Todd Bolen/Bible Places.com

[Извор на слика на страница 26]

Todd Bolen/Bible Places.com