Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да бидеме искрени верници и добри граѓани?

Како да бидеме искрени верници и добри граѓани?

Како да бидеме искрени верници и добри граѓани?

КОИ две работи се очигледни од службата на Исус? Прво, тој се трудел да им помогне на луѓето да си ги сменат срцата како поединци, а не да внесе промени во политичките институции. На пример, да видиме што нагласил во својата Проповед на гората. Пред да ги поттикне своите ученици да бидат како сол и како светлина, тој им рекол дека вистински среќни се оние што „настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“. Потоа додал: „Среќни се кротките... оние што имаат чисто срце... миротворците“ (Матеј 5:1-11). Исус им помагал на своите следбеници да увидат колку е важно мислите и чувствата да ги усогласат со Божјите мерила за исправно и погрешно, и да сфатат колку е важно да му служат на Бог со сето срце.

Второ, кога Исус ќе видел дека другите страдаат, од сочувство правел нешто за да им ја олесни маката. Но, целта не му била да им стави крај на сите страдања (Матеј 20:30-34). Тој лекувал болни, но болестите останеле да постојат (Лука 6:17-19). Им донел олеснување на оние што биле угнетени, но неправдите продолжиле да им нанесуваат болка на луѓето. Во неколку прилики ги нахранил и гладните, но гладот не престанал да го измачува човештвото (Марко 6:41-44).

Да се променат срцата и да се ублажат страдањата

Зошто на Исус му било најважно да им помогне на луѓето да направат промени во своите срца и да им ги олесни маките, а не да ги смени институциите или да ги искорени страдањата? Исус знаел дека во иднина Бог, преку своето Царство, ќе им стави крај на сите човечки влади и ќе ги отстрани причините за сите страдања (Лука 4:43; 8:1). Затоа, кога во една прилика учениците му рекле на Исус да посвети повеќе време за да ги излечи болните, тој им одговорил: „Да појдеме на друго место, во блиските места за да проповедам и таму, бидејќи за тоа и дојдов“ (Марко 1:32-38). Иако Исус им ги олеснувал страдањата на многумина, најважно му било да проповеда и да поучува за Божјата Реч.

И Јеховините сведоци денес со своето проповедничко дело се трудат да го следат примерот на Исус. Кога ќе забележат дека на некој човек му треба помош, поттикнати од сочувство се трудат да му ги ублажат страдањата. Тие не се обидуваат да ги искоренат неправдите што владеат во светот. Напротив, веруваат дека Божјето Царство ќе ги отстрани сите работи што се причина за страдањата (Матеј 6:10). Исто како Исус, тие се трудат да им помогнат на луѓето да направат промени во нивните срца, а не да ги сменат политичките институции. Овој став е на место, затоа што главните проблеми што го измачуваат човештвото се од морална, а не од политичка природа.

Добри граѓани

Во исто време, Јеховините сведоци се уверени дека имаат одговорност пред Бог да бидат примерни граѓани. Затоа ги почитуваат властите. Преку публикациите што ги издаваат и преку проповедничкото дело што го вршат, ги поттикнуваат и другите луѓе да им бидат послушни на законите. Меѓутоа, кога една влада бара од нив да направат нешто што е во директна спротивност на Божјите закони, Сведоците ‚му се покоруваат на Бог, а не на луѓето‘ (Дела 5:29; Римјаните 13:1-7).

Јеховините сведоци ги посетуваат луѓето и бесплатно ја проучуваат Библијата со нив. На тој начин, милиони поединци направиле промени во своите срца. Секоја година, стотици илјади лица успеваат да ги остават штетните навики, како што се пушењето, пиењето, дрогата, коцкањето и неморалниот начин на живот. Тие станале чесни и одговорни граѓани затоа што научиле да се држат за библиските мерила. (Види ја статијата „Библијата менува животи“, на страница 18 од ова списание.)

Освен тоа, поуките од Библијата помагаат да има поголема почит и подобра комуникација меѓу членовите на едно семејство, на пример меѓу брачните другари, меѓу родителите и децата, како и меѓу самите деца. На тој начин, овие поуки ги зајакнуваат семејствата, а со тоа и општествата, бидејќи семејството е основна клетка на општеството.

Откако ги прочита овие статии, што мислиш, дали според Библијата религијата треба да се меша во политиката? Одговорот е јасен: Не. Сепак, треба ли вистинските христијани да бидат добри граѓани? Да, треба. Како? Така што ќе живеат според заповедта на Исус да бидат како сол и како светлина на светот.

Ако сме послушни на практичните совети од Христос, тоа ќе биде за наше добро, за доброто на нашето семејство, како и за доброто на општеството во кое живееме. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да ти помогнат да дознаеш нешто повеќе за библиското образовно дело што денес се извршува и во твоето место. *

[Фуснота]

^ пас. 12 Можеш да стапиш во контакт со Јеховините сведоци и преку веб-страницата www.watchtower.org

[Истакната мисла на страница 10]

Исус им помагал на луѓето да ги сменат своите срца, а не политичките институции

[Истакната мисла на страница 11]

Јеховините сведоци сметаат дека им е должност да бидат примерни граѓани