Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали Исус згрешил кога рекол дека солта може да ја изгуби својата соленост?

Во Проповедта на гората, Исус им рекол на своите ученици: „Вие сте солта на земјата. Но, ако солта стане несолена, како ќе ѝ се обнови соленоста? Таа веќе не е за ништо друго, освен да се фрли надвор и да ја газат луѓето“ (Матеј 5:13). Солта служи како конзерванс. Затоа, споредбата на Исус веројатно значела дека неговите ученици можат и треба да ги штитат другите луѓе од духовно и морално распаѓање.

Меѓутоа, во врска со зборовите на Исус дека солта може да ја изгуби својата соленост, една библиска енциклопедија вели: „Во солта од Мртвото Море најчесто имало и други минерали; кога ваквата сол ќе дошла во допир со вода, се растворала и ја губела својата соленост, по што останувала една блуткава материја“ (The International Standard Bible Encyclopedia). Според тоа, сосема е разбирливо што Исус рекол дека она што ќе останело „веќе не е за ништо друго, освен да се фрли надвор“. „Иако поради примесите солта од Мртвото Море била со послаб квалитет од солта од повеќето други мориња“, пишува во истата енциклопедија, „заради нејзината лесна достапност (едноставно можела да се собере од брегот) станала главен извор на сол во Палестина.“

Што значела за слушателите на Исус споредбата за изгубената драхма?

Исус раскажал споредба за една жена која, откако изгубила една од десетте драхми што ги имала, зела светилка и почнала внимателно да ја мете куќата сѐ додека не ја нашла (Лука 15:8-10). Во времето на Исус, една драхма вредела речиси колку една дневница, што значи дека изгубената сума од споредбата што ја кажал воопшто не била мала. Сепак, случката што ја опишал им била добро позната на слушателите и од други причини.

Во некои стручни дела пишува дека жените често користеле парички како украси. Можеби Исус се осврнал на паричка која била дел од семејното наследство или од миразот на една жена. Без разлика дали било така или не, разбирливо е што загубата на една од нејзините десет парички би ја навело таа жена темелно да пребара сѐ за да ја најде.

Освен тоа, куќите на обичниот народ во времето на Исус биле правени на таков начин за во нив да влезе што помалку светлина и топлина. Имале малку или, пак, воопшто немале прозорци. Подовите обично биле покриени со слама или со суви стебленца од различни растенија. Ако паднела некоја паричка, тешко можела да се најде. Еден изучувач рекол: „Затоа, кога некој релативно мал предмет, како што е една паричка, ќе се изгубел во такво место, најлесно можел да се најде ако се запалела светилка и ако се изметела куќата“.