Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЧИТАТЕЛИТЕ ПРАШУВААТ...

Зошто Бог дозволува посилните да ги угнетуваат послабите?

Зошто Бог дозволува посилните да ги угнетуваат послабите?

Во Библијата се запишани ситуации во кои посилните луѓе ги угнетувале послабите. Еден таков пример е она што се случило со Навутеј. * За да му го одземе лозјето на Навутеј, Ахав, кој бил цар на Израел во десеттиот век пр.н.е., ѝ дозволил на својата жена, Језавела, да нареди да бидат убиени и Навутеј и неговите синови (1. Царевите 21:1-16; 2. Царевите 9:26). Зошто Бог дозволил некој да ја злоупотреби својата моќ на толку суров начин?

„Бог... не може да лаже“ (Тит 1:2)

Една важна работа која мора да ја имаме на ум е фактот дека Бог не може да лаже (Тит 1:2). Но, каква врска има ова со угнетувањето од страна на посилните? Уште на самиот почеток Бог ги предупредил луѓето дека, ако не му се послушни, ќе пожнеат горки последици — една од нив е смртта. Затоа, откако избила побуната во рајската градина, луѓето почнале да умираат. Всушност, првиот човек кој умрел бил жртва на угнетување. Авел бил убиен од својот брат Каин (1. Мојсеева 2:16, 17; 4:8).

Библијата вели: „Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9). Дали историјата потврдила дека овие зборови се точни? Јехова ги предупредил Израелците, кои биле негов народ, дека нивните цареви ќе ги угнетуваат и затоа тие очајно ќе бараат помош од него (1. Самоилова 8:11-18). Дури и мудриот цар Соломон му наметнал високи даноци на својот народ (1. Царевите 11:43; 12:3, 4). Злобните цареви, како Ахав, уште повеќе го угнетувале народот. Сега размисли за следново: Ако Бог го спречел сето тоа, зар немало да излезе дека неговите предупредувања се лажни?

„Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9)

Освен тоа, Сатана тврди дека луѓето му служат на Бог само од себични причини (Јов 1:9, 10; 2:4). Кога Бог би ги заштитувал сите свои слуги од угнетување, зар тоа не би било доказ дека тврдењата на Сатана се вистинити? Исто така, кога Бог би го заштитувал секој човек од секакво угнетување, зар не би бил виновен за уште поголема измама? Ако Бог пружа таква заштита, многумина би помислиле дека луѓето можат да владеат едни над други без него. Но, во Библијата пишува дека луѓето не се способни да владеат сами (Еремија 10:23). На неправдите ќе им дојде крај само кога со Земјата ќе почне да владее Божјето Царство.

Тогаш, дали тоа значи дека на Бог воопшто не му е грижа кога посилните ги угнетуваат послабите? Не. Размисли за следниве две работи. Прво, Бог отворено зборува за угнетувањето. На пример, во Библијата многу детално се опишува заверата што Језавела ја сковала против Навутеј. Освен тоа, во Божјата Реч пишува дека зад ваквото злобно угнетување стои еден моќен владетел кој сака да си го скрие идентитетот. Таа вели дека тоа е Сатана Ѓаволот (Јован 14:30; 2. Коринќаните 11:14). Со тоа што ни ги разоткрива злобата и угнетувањето и ни кажува кој стои зад нив, Бог ни помага и самите да не станеме злобни и да можеме да живееме вечно во рајот на Земјата.

Второ, Бог ни дава надеж дека сигурно ќе му стави крај на угнетувањето. Тоа што ги разоткрил, ги осудил и ги казнил Ахав и Језавела — како и многу други злобни луѓе — нѐ уверува дека еден ден, како што ветил, навистина ќе ги казни оние што ги угнетуваат другите (Псалм 52:1-5). Исто така, Бог ни гарантира дека наскоро ќе ја поправи сета штета што ја претрпеле оние кои го сакаат. * Тогаш, верниот Навутеј и неговите синови ќе живеат вечно во рајот на Земјата каде што нема да има никаква неправда (Псалм 37:34).

^ пас. 3 Прочитај ја статијата од рубриката „Угледајте се на нивната вера“ од овој број.

^ пас. 8 Види го поглавје 11 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.