Префрли се на текстот

Што е Пасха?

Што е Пасха?

Што вели Библијата:

 Пасха е еврејски празник по повод ослободувањето на Израелците од египетското ропство од страна на Бог во 1513 год. пр.н.е. Бог им заповедал на Израелците да се сеќаваат на тој важен настан секоја година на 14-тиот ден од еврејскиот месец авив, кој подоцна бил наречен нисан (2. Мојсеева 12:42; 3. Мојсеева 23:5).

Зошто се нарекува Пасха?

 Зборот „Пасха“ потекнува од еден хебрејски збор кој значи „одминува“ и се однесува на времето кога Бог ги поштедил Израелците од неволјата во која загинале сите првородени во Египет (2. Мојсеева 12:27; 13:15). Пред да ја нанесе таа страшна неволја, Бог им рекол на Израелците да попрскаат со крв од заклано јагне или јаре околу влезната врата (2. Мојсеева 12:21, 22). Бог ги одминал куќите што имале таков знак и ги поштедил нивните првородени (2. Мојсеева 12:7, 13).

Како се одбележувала Пасхата во библиски времиња?

 Бог им дал упатства на Израелците како да ја прослават првата Пасха. a Еве некои обележја на Пасхата запишани во Библијата.

  •   Жртва: На 10 авив (нисан), секое семејство требало да одбере едногодишно јагне (или јаре) и да го заколе на 14 авив. На првата Пасха, Израелците требало на довратниците и надвратникот од влезната врата да попрскаат со крвта од животното, да го испечат цело и да го изедат (2. Мојсеева 12:3-9).

  •   Оброк: Освен јагнето (или јарето), како дел од пасхалната вечера Израелците јаделе бесквасен леб и горчливо зелје (2. Мојсеева 12:8).

  •   Празник: Израелците го славеле Празникот на бесквасните лебови седум дена по Пасхата, и во тие денови не јаделе леб со квасец (2. Мојсеева 12:17-20; 2. Летописи 30:21).

  •   Поучување: На Пасхата родителите ги поучувале своите деца за Јехова Бог (2. Мојсеева 12:25-27).

  •   Патување: Подоцна, Израелците патувале до Ерусалим за да ја слават Пасхата (5. Мојсеева 16:5-7; Лука 2:41).

  •   Други обичаи: Во времето на Исус, виното и песната станале дел од прославувањето на Пасхата (Матеј 26:19, 30; Лука 22:15-18).

Погрешни верувања за Пасхата

 Погрешно верување: Израелците ја јаделе пасхалната вечера на 15 нисан.

 Вистина: Бог им заповедал на Израелците да заколат јагне веднаш по заоѓањето на сонцето на 14 нисан и да го јадат истата ноќ (2. Мојсеева 12:6, 8). За Израелците, деновите почнувале и завршувале на зајдисонце (3. Мојсеева 23:32). Според тоа, тие го колеле јагнето и ја јаделе пасхалната вечера на почетокот од 14 нисан.

 Погрешно верување: Христијаните треба да ја слават Пасхата.

 Вистина: Откако Исус ја одбележал Пасхата на 14 нисан 33 год. од н.е., тој вовел нова прослава — Господаровата вечера (Лука 22:19, 20; 1. Коринќаните 11:20). Тоа ја заменило Пасхата, бидејќи служи како спомен за животот што го дал „Христос, нашата пасхална жртва“ (1. Коринќаните 5:7). Откупната жртва на Исус има поголема вредност од пасхалната жртва бидејќи ги ослободува луѓето од ропството на гревот и смртта (Матеј 20:28; Евреите 9:15).

a Меѓутоа, со текот на времето морало да се направат некои промени. На пример, Израелците ја прославиле првата Пасха набрзина бидејќи требало да бидат спремни веднаш да заминат од Египет (2. Мојсеева 12:11). Но, откако се населиле во Ветената земја, повеќе не морало набрзина да го одбележуваат овој празник.