Префрли се на текстот

Како гледаат Јеховините сведоци на разводот?

Како гледаат Јеховините сведоци на разводот?

 Ние се држиме за библиското гледиште за бракот и разводот. Бог го основал бракот како трајна врска меѓу еден маж и една жена. Единствена оправдана причина за развод според Библијата е прељубата (Матеј 19:5, 6, 9).

Дали Јеховините сведоци им помагаат на паровите што имаат брачни проблеми?

 Да, и тоа на неколку начини:

  •   Преку публикациите. Во нашите публикации редовно излегуваат теми што можат да го зајакнат бракот, дури и кога се чини дека ситуацијата е безнадежна. На пример, види ги статиите „Приврзаност во бракот“, „Како да простиш“ и „Да се врати изгубената доверба“.

  •   Преку состаноците. На нашите состаноци и поголеми собири се разгледуваат практични совети од Библијата поврзани со бракот.

  •   Преку старешините. Тие разговараат со сопружниците и им помагаат да размислат за некои корисни библиски совети како, на пример, советот во Ефешаните 5:22-25.

Дали е потребна дозвола од старешините за да може некој Јеховин сведок да се разведе?

 Не. Дури и кога старешините се замолени да им помогнат на некои брачни другари што имаат тешкотии во бракот, тие немаат право да донесуваат одлуки наместо нив (Галатите 6:5). Меѓутоа, кога некој одлучува да се разведе иако нема библиска основа за тоа, според Библијата не е слободен повторно да стапи во брак (1. Тимотеј 3:1, 5, 12).

Како гледаат Јеховините сведоци на одвојувањето?

 Библијата ги советува брачните другари да останат заедно дури и кога имаат тешкотии во бракот (1. Коринќаните 7:10-16). Многу проблеми можат да се решат ако сопружниците сесрдно се молат, ги применуваат советите од Библијата и си покажуваат љубов (1. Коринќаните 13:4-8; Галатите 5:22).

 Но, во одредени екстремни ситуации, некои христијани одлучиле да се одвојат од својот сопружник. На пример:

  •   Намерно запоставување на материјалните потреби (1. Тимотеј 5:8).

  •   Тешко физичко малтретирање (Псалм 11:5).

  •   Потполно спречување на брачниот другар да му служи на Бог. На пример, можеби некој се обидува да го натера својот брачен другар, кој е Јеховин сведок, да прекрши некои Божји заповеди. Од таа причина, загрозениот брачен другар можеби ќе одлучи да се одвои, сметајќи дека само така ќе може да биде послушен на Божјата заповед: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:29).