Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да се живее со растројство на расположението

Да се живее со растројство на расположението

Да се живее со растројство на расположението

РАСТРОЈСТВАТА на расположението стануваат алармантно зачестена појава. На пример, се проценува дека повеќе од 330 милиони луѓе во светот страдаат од тешка депресија, состојба на многу длабока тага кога човек не наоѓа задоволство во секојдневните активности. Се проценува дека по 20 години депресијата ќе се најде на второ место на списокот на најраширени болести, веднаш по болестите на срцето и на крвните садови. Не е ни чудо што некои луѓе велат дека меѓу душевните болести депресијата е толку вообичаена појава како да е обична настинка.

Во последниве години, биполарното растројство е сѐ повеќе во фокусот на јавноста. Оваа болест се одликува со нагли промени на расположението што варираат од депресија до манија. „Во текот на депресивната фаза“, вели една книга што неодамна ја издаде Американското медицинско здружение, „можеби ќе Ве прогонуваат мисли за самоубиство. Во текот на маничната фаза на болеста, доброто просудување може да испари и тогаш нема да бидете во состојба да увидите каква штета можат да предизвикаат Вашите постапки.“

Се проценува дека од биполарно растројство боледуваат 2 процента од населението во Соединетите Држави, што значи дека само во таа земја има милиони болни. Но,  бројките сами по себе ни оддалеку не можат да ги опишат маките низ кои поминуваат оние што мораат да живеат со некое растројство на расположението.

Депресија — многу длабока тага

Повеќето од нас знаат што значи одвреме навреме да нѐ заплисне бран на тага. По некое време — можеби само по неколку часови или денови — таквите чувства поминуваат. Но, клиничката депресија е нешто многу посериозно. Во кој поглед? „Оние што не страдаат од депресија знаат дека без разлика по кој пат ќе нѐ понесат нашите емоции, кога-тогаш ќе стигнеме до крајот на тој пат“, објаснува д-р Мич Голан, „но кај личноста што страда од депресија наизменичните, чести промени на емоциите предизвикуваат чувство како да се наоѓа во некој воз што излегол од контрола, и затоа не може јасно да види ниту како ниту кога — и дали воопшто — ќе може да се симне од возот.“

Клиничката депресија може да се јави во многу облици. На пример, некои луѓе го имаат таканареченото сезонско афективно растројство, кое се јавува само во одреден период од годината — обично на зима. „Луѓето што го имаат ова растројство велат дека стануваат подепресивни ако живеат подалеку на север и ако времето е пооблачно“, стои во една книга издадена од Народното медицинско здружение. „Иако сезонското афективно растројство главно е поврзано со темните зимски денови, во некои случаи тоа е поврзано и со темните работни простории, наоблачувањата што не се карактеристични за одредено годишно време, како и со проблемите со видот.“

Што е причина за клиничката депресија? Одговорот не е јасен. Иако се чини дека во некои случаи таа е поврзана со наследните фактори, изгледа дека во повеќето случаи важна улога игра она што ни се случувало во животот. Исто така, забележано е дека оваа дијагноза ја имаат двапати повеќе жени отколку мажи. * Но, тоа не значи дека мажите не се погодени. Напротив, се проценува дека 5 до 12 проценти од нив ќе имаат клиничка депресија кога-тогаш во животот.

Кога некој има ваква депресија, таа се одразува на секоја пора и влијае речиси врз секој аспект од животот. „Ве разнишува до темел“, вели Шила, која страда од депресија, „Ви ја нагризува самодовербата, самопочитта, способноста исправно да размислувате и да донесувате одлуки, а потоа, кога ќе навлезе доволно длабоко, неколку пати силно Ве стега само за да види дали ќе издржите.“

Има моменти кога на болниот може многу да му олесни ако зборува за своите чувства со некој што е спремен сочувствително да слуша (Јов 10:1). Сепак, мора да се признае дека, кога се вклучени биохемиски фактори, депресијата нема да исчезне само ако силно го посакувате тоа и имате позитивен став. Всушност, во таков случај, болниот нема контрола над мрачните расположенија што ги предизвикува оваа болест. Освен тоа, можеби болеста го збунува исто како што ги збунува семејството и пријателите.

Размислете за Паола, * христијанка што минувала низ тешки епизоди на длабока тага пред да се утврди дека има депресија. „Понекогаш, по христијанските состаноци“, вели таа, „брзо ќе отидев во автомобилот и ќе плачев без никаква причина. Едноставно чувствував огромна осаменост и болка. Иако сите докази покажуваа дека имам многу пријатели што ме сакаат, јас никако не можев да го видам тоа.“

Нешто слично ѝ се случило и на Елен, која морала да лежи во болница поради депресија. „Имам два сина, две прекрасни снаи и сопруг — и знам дека тие многу ме сакаат“, вели таа. Изгледа дека здравиот разум ѝ кажувал на Елен дека животот е убав и дека нејзиното семејство многу ја сака. Но, во борбата со депресијата, болниот можат да го обземат мрачни мисли — сеедно колку се неразумни.

Не треба да се превиди ниту големото влијание што депресијата може да го има врз другите во семејството. „Кога е депримиран некој што го сакате“, пишува д-р Голант, „можеби живеете со постојано чувство на неизвесност и никогаш не знаете кога точно Вашиот близок ќе излезе од депресивната епизода или ќе влезе во друга. Можно е кај Вас да се јави чувство на длабока загуба — дури и на жалост и гнев — затоа што животот излегол од нормалниот колосек, можеби дури и засекогаш.“

Честопати, децата можат да ја почувствуваат депресијата на родителот. „Детето на депресивната мајка станува многу осетливо на емоционалните состојби на мајката и внимателно ја набљудува секоја нијанса и промена“, пишува д-р Голан. Д-р Керол Ваткинс забележува дека кај децата што имаат депримиран родител е „поголема веројатноста да имаат проблеми со однесувањето, со учењето и со врсниците. Постои поголема веројатност и самите да станат депресивни“.

Биполарно растројство — секогаш променливо

Клиничката депресија навистина е предизвик. Но, кога згора на тоа ќе се додаде и манија, на крајот ќе се добие биполарно растројство. * „Единственото нешто што е сигурно кај биполарното растројство е тоа дека е променливо“, вели Лучија, која ја има оваа болест. Додека трае манијата, забележува The Harvard Mental Health Letter, пациентите „можат да бидат неподносливо наметливи и насилни, а нивната безгрижна и немирна еуфорија може одеднаш да се претвори во раздразливост или бес“.

Ленор се сеќава на тоа какво силно чувство на радосна возбуденост предизвикувала манијата кај неа. „Бев преполна со енергија“, вели таа. „Мнозина ме нарекуваа супержена. Други ќе ми речеа: ‚Камо да бев како тебе‘. Често имав чувство дека сум многу силна, дека можам да направам сѐ. Енергично вежбав. Функционирав со многу малку спиење — два до три часа секоја ноќ. Сепак, се будев со истата голема енергија.“

Меѓутоа, со текот на времето, врз Ленор се надвиснал еден темен облак. „Кога мојата еуфорија ќе достигнеше кулминација“, вели таа, „чувствував некакво неспокојство кое ми доаѓаше длабоко однатре, како некој мотор да работи и ништо не може да го исклучи. За миг, моето пријатно расположение стануваше агресивно и деструктивно. Без некоја видлива причина вербално ќе му се истурев на некој од семејството. Бев бесна, полна со омраза, воопшто не можев да се контролирам. По секој ваков страшен истап, одеднаш станував исцрпена, плачлива и многу депресивна. Се чувствував безвредна и злобна. Сепак, можев повторно да станам онаа истата неверојатно весела личност, како ништо да не се случило.“

Променливото однесување на личноста со биполарно растројство ги збунува членовите на семејството. Мери, чиј сопруг има биполарно растројство, вели: „Понекогаш останувам збунета кога гледам како мојот среќен и зборлив сопруг одеднаш станува малодушен и повлечен. Водиме вистинска борба за да го прифатиме фактот дека не може многу да го контролира тоа.“

Иронично е тоа што биполарното растројство честопати предизвикува иста, ако не и уште поголема везнемиреност и кај оној што го има. „Им завидувам на луѓето што водат урамнотежен и стабилен живот“, вели Глорија, која страда од оваа болест. „Стабилноста е место што луѓето со биполарно растројство само го посетуваат. Никој од нас вистински не живее таму.“

Што е причина за биполарното растројство? Една работа се наследните фактори и кај ова растројство тие играат уште поголема улога отколку кај депресијата. „Според некои научни истражувања“, истакнува Американското медицинско здружение, „кај членовите на потесното семејство на луѓето што имаат биполарна депресија (родители, браќа и сестри или деца), постои 8 до 18 пати поголема веројатност да се јави ова заболување отколку кај блиските роднини на здрави луѓе. Освен тоа, ако некој член од Вашето потесно семејство има биполарна депресија, тогаш Вие сте поподложни на тешка депресија.“

За разлика од депресијата, изгледа дека биполарното растројство се јавува подеднакво и кај мажите и кај жените. Најчесто започнува во почетокот на полнолетството, но дијагноза на биполарно растројство била поставена и кај тинејџери, па дури и кај деца. Сепак, дури и на специјалист може да му биде многу тешко да ги анализира симптомите и да дојде до исправен заклучок. „За разлика од другите психички нарушувања, биполарното растројство е слично на камелеон бидејќи кај секој пациент се јавува со различни симптоми, па дури има и различни симптоми од епизода до епизода кај истиот пациент“, пишува д-р Френсис Марк Мондимор од Медицинскиот факултет Џон Хопкинс. „Тоа е сениште што може да ѝ се прикраде на својата жртва облечено во наметката на мрачната меланхолија, а потоа да исчезне и да не се појавува со години — за еден ден повторно да се врати во блескавата но огнена наметка на манијата.“

Јасно е дека не е лесно да се постави дијагноза за растројствата на расположението, а уште потешко е да се живее со нив. Но, за болните сепак постои надеж.

[Фусноти]

^ Ова донекаде може да се должи на тоа што жените се подложни на постнатална депресија, како и на хормонални промени во менопаузата. Исто така, жените обично почесто одат на лекар и затоа кај нив се поставува дијагноза.

^ Некои имиња во оваа серија статии се променети.

^ Лекарите известуваат дека секое расположение честопати трае и по неколку месеци. Меѓутоа, тие забележуваат дека кај некои луѓе, кај кои овие циклуси се менуваат многу брзо, депресијата преминува во манија неколку пати годишно. Во ретки случаи, заболените одат од едната во другата крајност во период од само 24 часа.

[Истакната мисла на страница 6]

„Стабилноста е место што луѓето со биполарно растројство само го посетуваат. Никој од нас вистински не живее таму“ (ГЛОРИЈА).

[Рамка/слика на страница 5]

Симптоми на тешка депресија *

● Депресивно расположение во поголемиот дел од денот, речиси секој ден, најмалку во текот на две седмици

● Се губи интерес за работи што некогаш претставувале задоволство

● Големи промени во телесната тежина

● Претерано спиење или спротивното, несоница

● Моторните вештини се абнормално забрзани или забавени

● Преголем замор без некоја видлива причина

● Чувства на безвредност и/или неосновани чувства на вина

● Намалена способност за концентрација

● Постојани мисли за самоубиство

Некои од овие симптоми можат да укажуваат на дистимија — благ но похроничен облик на депресија

[Фуснота]

^ Овој список е наменет да послужи само како преглед а не како основа за да се поставува лична дијагноза. Исто така, некои од овие симптоми можат да бидат знак и на други проблеми, а не само на депресија.