Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | МЛАДИ

Бори се со искушенијата

Бори се со искушенијата

ПРЕДИЗВИК

„Некои девојки понекогаш ми го бараат бројот и отворено ми кажуваат дека сакаат да спијат со мене. Ги одбивам и си заминувам. Но, никако од глава да ја тргнам мислата: ‚А што ако ѝ го дадев бројот?‘ Да бидам искрен, некои од тие девојки се многу убави. Лесно е да си кажеш: ‚Зошто да не?‘“ (Кристијан, * 16).

Дали и ти, како Кристијан, се бориш со искушенија? Знај дека можеш да ги победиш!

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Ако му подлегнеш на искушението, само ќе си наштетиш

Сите имаат искушенија — дури и возрасните. Тоа е така затоа што има најразлични искушенија. Апостол Павле не бил млад кога напишал: „Навистина уживам во Божјиот закон но во своите делови на телото гледам друг закон кој војува против законот на мојот ум и ме заробува со законот на гревот“ (Римјаните 7:22, 23). И покрај силниот притисок, Павле успеал во таа борба, а можеш и ти! Зошто да им бидеш роб на желбите? (1. Коринќаните 9:27). Ако уште како млад научиш да се бориш со искушенијата, ќе се поштедиш од многу грижи сега, а ќе се подготвиш и за искушенијата со кои ќе се соочиш како возрасен.

Медиумите ја отежнуваат борбата со искушенијата. Библијата зборува за „желбите на младоста“, кои и онака веќе се прилично силни (2. Тимотеј 2:22). Но, филмовите, телевизијата, музиката и книгите чија целна група се младите честопати им ги разгоруваат тие желби, оставајќи им впечаток дека е сосема во ред да му се препуштиш на искушението. На пример, ако два лика во некој филм се сакаат, речиси е сигурно дека во некој момент од приказната ќе спијат заедно. Меѓутоа, Библијата вели дека можеме ‚да се воздржуваме од желбите на телото‘ (1. Петрово 2:11). Ова значи дека можеш да им кажеш ‚не‘ на искушенијата. Но, како?

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Биди свесен за своите слабости. Јажето се кине таму каде што е најтенко. Слично на тоа, најлесно може да попуштиме на искушение таму каде што сме најслаби. Кои се твоите слабости? (Библиско начело: Јаков 1:14.)

Подготви се за искушението. Размисли во кои ситуации би можел да се најдеш на искушение и како да реагираш во таков случај. (Библиско начело: Изреки 22:3.)

Изгради цврсти ставови. Библијата вели дека, кога бил на искушение да направи неморал, Јосиф рекол: „Како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог?“ (1. Мојсеева 39:9). Зборовите „како би можел“ покажуваат дека Јосиф имал цврст став за тоа што е исправно, а што погрешно. Дали имаш и ти?

Дружи се со луѓе што ќе те поддржуваат. Ќе избегнеш многу искушенија ако имаш пријатели кои живеат според исти морални мерила како и ти. Библијата вели: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар“ (Изреки 13:20).

Избегнувај ситуации што ќе ти отежнат да му одолееш на искушението. На пример:

  • Не останувај сам со лице од спротивниот пол.

  • Труди се да не користиш Интернет во околности во кои може да паднеш на искушение да гледаш порнографија.

  • Немој да се дружиш со луѓе кои со своите зборови и постапки го прават престапувањето привлечно.

Какви правила би можел да си поставиш самиот себеси за да не дојдеш во искушение? (Библиско начело: 2. Тимотеј 2:22.)

Моли се за помош. Исус им рекол на своите ученици: „Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение“ (Матеј 26:41). Факт е дека Јехова Бог сака да не им подлегнеш на искушенијата, и може да ти помогне во тоа. Библијата вели: „[Бог] нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете, туку ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“ (1. Коринќаните 10:13).

^ пас. 4 Имињата се сменети.