Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ШТО Е ВИСТИНСКИ УСПЕХ?

Патот до вистинскиот успех

Патот до вистинскиот успех

Библијата нѐ поттикнува да имаме исправно гледиште за успехот. Таа не вели дека патот до успехот го наоѓаат само неколкумина среќници. Од друга страна, не ни создава ни лажна слика дека ќе ни се остварат сите желби ако едноставно ‚го следиме својот сон‘. Оваа идеја, со која децата се задоени уште од мали нозе, најверојатно ќе води до разочарување.

Факт е дека секој може да постигне вистински успех, но за тоа е потребен труд. Размисли за следниве начела.

  • ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

    „Кој го љуби среброто, никогаш не му е доста сребро, и кој го сака богатството, никогаш не му е доста добивка“ (Проповедник 5:10).

    ШТО ЗНАЧИ ОВА: Материјалните работи не се гаранција за среќа. Напротив, „луѓето на кои животот им се врти околу парите обично се многу позагрижени и подепримирани од луѓето кои поголемо значење им придаваат на односите со другите“, пишува д-р Џин М. Твенги во својата книга Генерација „јас“ (Generation Me). Во книгата понатаму се вели: „Истражувањата одново и одново потврдуваат дека на луѓето не им треба многу за да бидат среќни — повеќе пари не се гаранција за повеќе среќа“.

    ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ: Постави си за цел да стекнеш нешто повредно од богатство и имот. Исус рекол: „Бидете претпазливи, чувајте се од секаква лакомост, бидејќи, дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15).

  •  ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

    „Гордоста оди пред пропаста, и вообразеноста — пред падот“ (Изреки 16:18).

    ШТО ЗНАЧИ ОВА: Претераната амбициозност и нечесноста нема да ти помогнат да бидеш вистински успешен. Всушност, според резултатите од едно истражување, во книгата Од добри подобри (Good to Great) пишува дека директорите што постигнале долгорочен успех „се вистински скромни и не се истакнуваат. За разлика од нив, во две третини од фирмите, луѓето на раководна положба имале преголемо его, што било причина фирмите да пропаднат или да имаат само просечен успех“. Што покажува ова? Ако имаме превисоко мислење за себе, поголема е веројатноста тоа да води до неуспех, отколку до успех.

    ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ: Наместо да ти биде најважен престижот, труди се да бидеш скромен. Библијата вели: „Ако некој мисли дека е нешто, а не е ништо, самиот себеси се залажува“ (Галатите 6:3). За таков човек тешко би можело да се каже дека е успешен!

  •  ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

    „За човекот нема ништо подобро отколку да... ужива во добрите работи од неговиот труд“ (Проповедник 2:24).

    ШТО ЗНАЧИ ОВА: Ако стекнеш добра работна етика, веројатно повеќе ќе уживаш во работата. Во својата книга Добро поучете ги своите деца (Teach Your Children Well), д-р Медлин Левајн вели: „За да кажеме дека сме успешни во нешто, треба добро да го правиме, а дали ќе го правиме добро најмногу зависи од трудот и упорноста што ги вложуваме“. Тоа вклучува и да не дозволиме повремените разочарувања да нѐ спрепнат.

    ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ: Работи на тоа да се подобруваш и не откажувај се кога ќе наидеш на пречки. Ако имаш деца, учи ги сами да ги решаваат проблемите, се разбира, во склад со нивната возраст и способности. Немој веднаш да им ги решаваш сите проблеми. Младите ќе се чувствуваат поисполнето ако научат сами да се снаоѓаат, а тоа ќе им даде добра основа за понатаму во животот.

  • ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

    „На живиот пес му е подобро отколку на мртвиот лав“ (Проповедник 9:4).

    ШТО ЗНАЧИ ОВА: Ако си вработен, работата треба да ти биде само дел од животот, а не сѐ во животот. И навистина, за колку успешен ќе се сметаш, дури и да си најдобар во твојата професија, ако ги изгубиш здравјето или почитта од семејството? Луѓето кои се вистински успешни се трудат да одржуваат рамнотежа меѓу работата, здравјето и семејството.

    ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ: Води сметка за себе. Одморај се доволно. Не вреди да станеш работохолик кој за лажен успех жртвува сѐ — здравје, семејство, пријатели.

  • ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

    „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).

    ШТО ЗНАЧИ ОВА: За да бидеме вистински успешни, неопходно е да ја проучуваме Библијата и да ги применуваме начелата содржани во неа. Милиони Јеховини сведоци можат од лично искуство да потврдат дека тоа што ги ставаат духовните работи на прво место во животот им помага да не бидат претерано загрижени за материјалните работи (Матеј 6:31-33).

    ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ: Дознај како Библијата може да ти помогне да постигнеш вистински успех. За повеќе информации, стапи во контакт со Јеховините сведоци или посети ја нашата интернет-страница www.ps8318.com/mk.