Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Создавање или еволуција? — Четврти дел: Како да објаснам зошто верувам дека Бог го создал животот?

Создавање или еволуција? — Четврти дел: Како да објаснам зошто верувам дека Бог го создал животот?

Веруваш дека Бог создал сѐ, ама се срамиш тоа отворено да го кажеш пред другите на училиште. Можеби во учебниците се зборува за еволуцијата како за факт и страв ти е дека наставниците и учениците ќе ти се смеат. Што ќе ти помогне смело да зборуваш за своите верувања?

 Само смело!

 Можеби си мислиш: ,Науката и еволуцијата за мене се шпанско село.‘ Едно време, така мислела и Даниела. Таа вели: „Ми се стемнуваше од помислата дека треба да се објаснувам со наставникот и со другите во класот“. И Дијана вели нешто слично: „Кога ќе почнеа да се расфрлаат со научни термини, се чувствував како да сум паднала од Марс“.

 Меѓутоа, твојата цел не е да излезеш победник во таквите дискусии. Освен тоа, не мора да си гениј за да објасниш зошто според тебе е сосема разумно да веруваш дека Бог го создал животот.

 Предлог: Можеш да го користиш едноставниот аргумент запишан во Библијата, во Евреите 3:4: „Секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ“.

 Една девојка по име Керол вака го применува начелото од Евреите 3:4: „Замисли си дека одиш низ густа шума. Со километри наоколу нема жив човек и одеднаш на земјата здогледуваш чепкалка за заби. Што ќе си помислиш? Мнозина би рекле: ,Некој бил овде‘. Ако нешто толку мало и безначајно како една чепкалка за заби е доказ дека зад неа стои некаква интелигенција, тогаш колку посилен доказ е вселената и сѐ во неа!“

 Ако некој рече: „Ако постои Бог кој создал сѐ, тогаш кој го создал него?“

 Би можел да одговориш: „Тоа што не знаеме сѐ за Творецот не значи дека тој не постои. На пример, можеби не знаеш сѐ за оној што го дизајнирал твојот мобилен телефон, но сигурно веруваш дека некој го измислил, нели? [Почекај да одговори.] Сепак, има многу работи кои можеме да ги дознаеме за Бог. Ако сакаш, можам да ти покажам што имам научено за него“.

 Подготви се

 Библијата вели дека треба да ,бидеме спремни за одбрана пред секој што од нас бара да ја образложиме надежта која е во нас, но тоа да го правиме благо и со длабока почит‘ (1. Петрово 3:15). Затоа, обрни внимание на две работи — што ќе кажеш и како ќе го кажеш.

  1.   Што ќе кажеш. Љубовта кон Бог е важна бидејќи таа може да те поттикне да им зборуваш на другите за него. Но, за да ги увериш дека Бог го создал животот, можеби нема да биде доволно само да им кажеш колку го сакаш. Би било добро да посочиш примери од природата што покажуваат зошто е разумно да веруваме дека тој е Творецот на сѐ.

  2.   Како ќе го кажеш. Зборувај со увереност, но немој да си нељубезен или да се поставуваш над другите. Поголеми се шансите луѓето да размислат за она што им го кажуваш ако видат дека ги почитуваш нивните верувања и нивното право на мислење.

     „Сметам дека е важно никогаш да не ги навредуваме другите или да се правиме попаметни од нив. Нема ништо да постигнеме ако зборуваме од високо“ (Илејн).

 Што ти е на располагање

Да бидеш подготвен да ги браниш своите верувања е исто како да бидеш подготвен ако времето ненадејно се смени

 „Ако не сме подготвени, тогаш ќе си молчиме од страв да не се избламираме“, вели една тинејџерка по име Алисија. Значи, многу е важно однапред да се подготвиме. Една друга девојка по име Џена вели: „Имам поголема самодоверба да зборувам за создавањето ако имам подготвено едноставни, но добро осмислени примери со кои ќе го поткрепам моето верување“.

 Каде можеш да најдеш такви примери? На многу млади им помогнале следниве публикации:

 Може да ти помогнат и претходните статии од оваа серија „Создавање или еволуција?“

  1.  Прв дел: Зошто да верувам во Бог?

  2.  Втор дел: Треба ли слепо да верувам во теоријата на еволуција?

  3.  Трет дел: Зошто да верувам дека Бог го создал животот?

 Предлог: Избери примери што тебе те уверуваат во постоењето на Творец. Така полесно ќе ги запамтиш и ќе можеш со увереност да зборуваш за нив. Вежбај како да ги објасниш своите верувања.