Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што да правам ако имам депресија?

Што да правам ако имам депресија?

 Не е сѐ изгубено. Има некои работи што можат да ти помогнат!

 Што би направил?

 Размисли за следниве две ситуации:

 Јулија повеќе не се радува на ништо. Иако нема некоја посебна причина, таа плаче секој ден. Цело време сака да е сама и нема апетит. Освен тоа, не спие добро и нема концентрација. Се прашува: „Што ми е? Ќе бидам ли некогаш како порано?“

 До скоро Марко беше примерен ученик, но сега го мрази школото и оценките му се катастрофа. Иако порано сакаше да спортува, сега нема сила ни за тоа. Другарите не знаат што е со него. Татко му и мајка му се многу загрижени. Дали е само минлив период или, пак, нешто посериозно?

 Дали и ти се чувствуваш како Јулија или Марко? Ако да, што можеш да направиш? Имаш две опции:

  •   Да пробаш сам да се справиш со лошите чувства

  •   Да зборуваш со некој возрасен во кого имаш доверба

 Можеби повеќе ти се допаѓа опцијата А, особено ако не ти се зборува со никого. Но, дали тоа е паметно? Библијата вели: „Подобро им е на двајца отколку на еден, зашто... ако падне едниот, другиот ќе го подигне другарот свој. А како ќе му биде на едниот ако падне, а нема кој да го подигне?“ (Проповедник 4:9, 10).

 Пример: Замисли дека си залутал во некој опасен дел од градот, познат по криминал. Темно е, а наоколу се врткаат непознати луѓе. Што би направил? Би можел да се обидеш сам да се извлечеш од таму. Но, зар не би било попаметно да побараш помош од некој на кого можеш да му веруваш?

 Депресивните чувства се како едно такво опасно место. Иако одвреме-навреме секој може да биде совладан од тага, депресивните чувства траат подолго. Во таков случај, најдобро е да се побара помош.

 БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Оној што се изолира... се спротивставува на секоја мудрост“ (Изреки 18:1).

 Предноста на опцијата Б — да зборуваш со некој од родителите или друг возрасен — е тоа што можеш да слушнеш како некој друг се справил со негативните чувства.

 Можеби ќе речеш: „Ама моите не ни можат да сфатат како се чувствувам!“ Сепак, дали си сигурен во тоа? Иако растеле во друго време, и тие биле тинејџери и можеби поминале низ истите чувства. А можеби знаат и што може да ти помогне!

 БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Зарем нема мудрост меѓу старците и зарем не донесува разумност долгиот живот?“ (Јов 12:12).

 Што значи тоа: Ако му се довериш на некој од родителите или на друг возрасен, има големи шанси да добиеш совет што ќе ти помогне.

Да имаш депресија е исто како да си залутал во некој опасен дел од градот. За да се извлечеш, најдобро е да побараш помош

 Што ако е здравствен проблем?

 Ако се чувствуваш депресивно секој ден, можеби се работи за здравствен проблем како, на пример, клиничка депресија.

 Кај тинејџерите, симптомите на клиничка депресија може да изгледаат како променливо расположение типично за оваа возраст, но обично се поизразени и подолготрајни. Затоа, ако чувствуваш силна тага која никако не поминува, разговарајте со твоите родители дали можеби е најдобро да се консултирате со лекар.

 БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „На здравите не им треба лекар, туку на болните“ (Матеј 9:12).

 Ако се утврди дека имаш клиничка депресија, воопшто не треба да се срамиш од тоа. Денес многу млади имаат депресија, и таа може да се држи под контрола! Оние што ти се вистински пријатели нема помалку да те ценат поради тоа.

 Предлог: Биди стрплив. Потребно е време за да застанеш на нозе — очекувај дека ќе имаш и добри и лоши денови. a

 Што може да ти помогне?

 Иако можеби ќе ти биде потребна лекарска помош, има некои работи што можат да ти помогнат да се бориш со тагата. На пример, ако вежбаш редовно, се храниш здраво и спиеш доволно, негативните чувства нема да бидат толку силни (Проповедник 4:6; 1. Тимотеј 4:8). Може да ти биде од помош и ако водиш дневник. Во него би можел да запишуваш како се чувствуваш, што планираш да направиш за да ти биде подобро, како и сите подеми и падови.

 Без оглед на тоа дали имаш клиничка депресија или само минуваш низ тежок период во животот, запомни: Ако прифатиш помош од другите и ако самиот преземеш нешто за да ти биде подобро, ќе можеш успешно да се бориш со депресијата.

 Корисни мисли од Библијата

  •  „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Псалм 34:18).

  •  „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се сопне“ (Псалм 55:22).

  •  „Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ’Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘ “ (Исаија 41:13).

  •  „Не бидете загрижени за утрешниот ден“ (Матеј 6:34).

  •  „Изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца“ (Филипјаните 4:6, 7).

a Ако ти доаѓаат мисли да си го одземеш животот, веднаш побарај помош од некој возрасен во кого имаш доверба. Нешто повеќе можеш да прочиташ во воведните статии од Разбудете се! од април 2014 со наслов „Зошто да живееш?