Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Зошто да се молам?

Зошто да се молам?

 Според една анкета, 80 отсто од тинејџерите во Америка се молат, но само половина од нив се молат секој ден. Без сомнение, некои од нив се прашуваат: „Дали молитвата е само начин да се ослободиш од стресот или, пак, вклучува нешто повеќе?“

 Што е молитвата?

 Молитвата е вистински разговор со Творецот на сѐ што постои. Замисли што значи тоа! Иако Јехова е повозвишен од луѓето во секој поглед, тој „не е далеку од никого“ (Дела 17:27). Всушност, Библијата нѐ поттикнува: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8).

 Како би можел да му се приближиш на Бог?

  •   Еден начин е преку молитвата — така ти му зборуваш на Бог.

  •   Друг начин е преку проучувањето на Библијата — така Бог ти „зборува“ тебе.

 Таквата обострана комуникација — молитва и проучување на Библијата — ќе ти помогне да изградиш цврсто пријателство со Бог.

 „Да зборуваш со Јехова, со највозвишената личност што постои, е најголемата чест што може да ја има еден човек“ (Џереми).

 „Кога во молитва му ги кажувам на Јехова моите најдлабоки чувства, станувам поблиска со него“ (Миранда).

 Дали Бог нѐ слуша?

 Можеби веруваш во Бог, па дури и му се молиш, а сепак не си потполно уверен дека нѐ слуша. Но, Библијата вели дека Јехова е „тој што ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2). Таа нѐ поттикнува: „Сите свои грижи фрлете ги на него“. Зошто? „Зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7).

 Размисли: Сигурно одвојуваш време за редовно да разговараш со твоите блиски пријатели. Би можел да го правиш истото и со Бог. Редовно моли му се користејќи го неговото лично име, Јехова (Псалм 86:5-7; 88:9). Библијата вели: „Молете се непрестајно“ (1. Солуњаните 5:17).

 „Молитвата е разговор со мојот небесен Татко, во кој му кажувам сѐ што ми лежи на срце“ (Мојзес).

 „Зборувам со Јехова за сѐ, и тоа во детали, исто како што би зборувала со мајка ми или со некоја блиска пријателка“ (Карен).

 За што да се молам?

 Библијата вели: „Во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“ (Филипјаните 4:6).

 Дали тоа значи дека е во ред да се молиме и за нашите проблеми? Секако. Во Библијата пишува: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи“ (Псалм 55:22).

 Се разбира, кога му се молиш на Бог, не треба да зборуваш само за твоите проблеми. „Ако го барам Јехова само кога нешто ми треба, какво пријателство е тоа?“, вели една девојка по име Шантел. „Мислам дека најпрво треба да ја изразам својата благодарност, и тоа за повеќе работи, а не само за неколку.“

 Размисли: За кои работи си благодарен? За кои три работи што се случиле денес би можел да му се заблагодариш на Јехова?

 „Дури и нешто едноставно, како еден убав цвет, би можело да нѐ поттикне да му се заблагодариме на Јехова во молитва“ (Анита).

 „Размислувај за нешто од творештвото што ти остава посебен впечаток или за некој библиски стих што те допира до срце, и потоа заблагодари му на Јехова за тоа“ (Брајан).